Култура
Во Прилеп е затворен јубилејниот МТФ „Војдан Чернодрински“ кој ја испиша историјата на македонската театарска уметност
Со доделувањео на наградите на најдобрите тетарски остварувања и со претставата во чест на нагрдените, „Црно злато“ по текст на Дејан Дуковски, во режија на Оливер Фрлиќ, а во изведба на Београдско драмско позориште синоќа на сцената од Центарот за култура „Марко Цепенов“ во Прилеп заврши јубилејното, 60 издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
Најдобрата претстава во целина која ја понесе статуетката на Војдан Чернодрински е претставата на МНТ „Страв и надеж“ од Франц Ксавер Крец, во режија на Татјана Мандиќ Ригонат.
Според дел од наградените актери, наградите се голем предизвик.
Димитар Ѓорѓиевски за улогата во претставата на прилепскиот театар „Црнила“, е добитник на наградата за најдобра машка главна улога, која од годинава го носи името на еден од најголемите театарски уметници Кирил Ристоски.
-Искрено, не ја очекував наградата. Многу сум возбуден што наградата од годинава го носи името на еден од моите идоли во театарот- Кирил Ристоски. Ми беше ментор, пријател, другар, соборец. Значењето на наградата трипати се зголемува. Наградата е поттик и сигурно ќе ми прави дополнителен притисок кој мора да се оправда. Пред публиката, пред колегите, а најмногу пред себе си, рече Ѓорѓиевски.
Александар Степанулески кој ја понесе наградата за најдобра машка епизодна улога „Димче Трајковски“ од претставата „Мачкина глава“ на Драмски театар рече дека ова му е трета фестивалска награда.
-На фестивалот ми е трета награда. Наградата значи признание за сето што сум го сработил. Прекрасно е чувството, нагласи Степанулески
Јеткин Сезеир, добитник на наградата за најдобар млад актер „Трајко Чоревски“ од претставата „Амадеус“ на Турски театар е среќен за добивањето на првата фестивалска награда.
-Чест ми е што ја добив оваа награда. Прва награда ми е на Фестивалот кој ни е навистина битен за цела Македонија, рече Сезеир.
Обраќајќи се пред публиката во Прилеп на затворањето на Фестивалот, директорката Ана Стојаноска потсети дека по четиригодишниот мандат во кој го спроведе проектот „Враќање дома“ се заблагодари на фестивалскиот тим и нагласи дека Фестивалот достоинствено го одбележа 60-годишниот јубилеј.
-Решив да ја креирам мојата слика за театарски фестивал која ќе биде современа, храбра и која ќе оствари комуникација со сите гледачи, независно на која возрасна или која и да е групата на која ѝ припаѓаат. И еве, четири години до денес, фестивалот стана мојата препознатлива слика, местото каде што живее театарот во јуни и театарските уметници и публиката, рече Стојаноска.
Во чест на наградените, публиката во Прилеп, ексклузивно, имаше можност да ја види претставата на Београдско драмско позориште „Црно злато“ во режија на Оливер Фрлиќ, по најновиот текст на македонскиот драмски автор Дејан Дуковски. Поставувањето на овој текст во Македонија се очекува наесен во МНТ во режија на Слободан Унковски.
–Многу ми е драг фестивалот. Мило ми е што текстот „Црно злато“ се игра првпат токму на фестивалот по праизведбата во Белград во режија на Оливер Фрлиќ. Сметам дека состојбите во општеството секако се одразуваат во културата и во театарот, рече авторот Дејан Дуковски кој со задоволство го следеше јубилејниот македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ каде беше „Автор во фокусот“ кој синоќа заврши во Прилеп.
јуни 13, 2026

