Сцена
Џенифер Лопез неочекувано се појави на концертот на францускиот диџеј и музички продуцент Дејвид Гета
Американската пејачка и актерка Џенифер Лопез беше специјална гостинка на спектакуларниот концерт на францускиот диџеј и музички продуцент Дејвид Гета, кој се одржа на стадионот „Стад де Франс“ во Париз. Пред речиси 80.000 посетители, Лопез неочекувано се појави на сцената за време на првиот концерт од серијата „Алтимет монолит шоу“ (Ultimate Monolith Show), воодушевувајќи ја публиката. Таа заедно со Гета го изведе нивниот заеднички хит „Save Me Tonight“.
По изведбата на дуетот, латино дивата го отпеа и својот голем хит „On The Floor“. Настапот беше збогатен со впечатлива сценографија, моќни ласерски ефекти и огномет, а видеа и фотографии од концертот во краток рок се проширија на социјалните мрежи. Меѓу специјалните гости на вечерта се појави и Акон, кој на публиката ѝ подари неколку од своите најголеми хитови.
Со концертот во Париз, Дејвид Гета одбележа 25 години успешна музичка кариера. Трите настапи на стадионот „Стад де Франс“ беа распродадени неколку месеци однапред.
Џенифер Лопез и Гета годинава првпат соработуваа на песната „Save Me Tonight“. Со истата нумера се претставија и на фестивалот „Коачела“. Настапот во Париз, според бројни обожаватели, беше еден од највпечатливите и најнезаборавните моменти на вечерта.
јуни 15, 2026

