Сцена
ФБИ ѝ врачи покана на Селма Блер поради напад на две стјуардеси
Федералното биро за истраги на САД (ФБИ) ѝ врачи судска покана на глумицата Селма Блер во врска со обвиненија дека нападнала две стјуардеси на лет од Лос Анџелес до Њујорк. Претходно, таа е приведена поради недолично однесување и нанесување повреди на членови на екипажот, соопштија денеска официјални лица.
Полицијата ја приведе Блер (54) доцна синоќа откако авионот на „Делта ерлајнс“ слета на Меѓународниот аеродром „Џон Ф. Кенеди“ во Њујорк, соопшти Управата на пристанишните центри во Њујорк и Њу Џерси. Според службеник од федералните органи за спроведување на законот, кој претпочита анонимност, Блер е обвинета за напад извршен во рамките на посебната поморска и територијална јурисдикција на САД. Случајот ќе се разгледува пред Федералниот суд во Бруклин, а датумот за нејзиното појавување во Судот сè уште не е одреден.
Блер и една од стјуардесите биле пренесени во болница на преглед, се наведува.
Авиокомпанијата додава дека имаат политика на „нулта толеранција за недолично или незаконско однесување“, нагласувајќи дека безбедноста на патниците и екипажот е нивен приоритет. Нема подробности за повредите.
ФБИ, коешто е надлежно за истраги на сите инциденти што се случуваат во авиони, одби да даде подробности за случајот.
– Вчера бевме известени од нашите партнери од полициската служба на Управата на пристанишните центри во Њујорк и Њу Џерси за можен инцидент на лет што слета на аеродромот „Џеј-еф-кеј“. Во согласност со долгогодишната политика на Министерството за правда, не коментираме тековни истраги, изјави Сидни Клајнман, портпарол на ФБИ за Њујорк.
Претставник на американската глумица изјави за неколку медиуми дека Блер имала здравствен проблем што довел до однесувањето за коешто е обвинета. Блер, која е американска Еврејка, е позната по улогите во филмовите „Сурови намери“ (1999), „Легално русокоса“ (2001) и „Хелбој“ (2004). Последниве години, позната е и како активистка за правата на лицата со попреченост. Во 2018 година ѝ е дијагностицирана мултипла склероза, а во 2023 година му се придружи на американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа за да ја одбележат годишнината од донесувањето на Законот за Американци со попреченост.
Во 2016 година, Блер мораше да се извини за испад на лет од Канкун до Лос Анџелес, наведувајќи дека во тој миг ѝ се измешале алкохол и лекови, што довело и до губење на свест.
октомври 13, 2026


