Вести
Муцунски во Лондон се сретна со Ивет Купер, потврдена заложбата за јакнење на партнерството
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Лондон оствари средба со државниот секретар за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство, Ивет Купер, на која беше потврдена заложбата за натамошно унапредување на стратешкото партнерство и продлабочување на соработката во повеќе области од заемен интерес, со посебен акцент на економските односи, трговијата и инвестициите, соопштуваат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Министерот Муцунски ја нагласил посветеноста на Владата кон спроведувањето на Договорот Влада со Влада, како и интересот за натамошни заеднички активности насочени кон привлекување британски инвестиции и дополнително зајакнување на економската соработка.
– Во таа насока, беше разговарано и за следните чекори во развојот на стратешкиот дијалог меѓу двете земји – стои во соопштението.
На средбата станало збор и за Коридорите 8 и 10 како проекти од инфраструктурно и стратешко значење, при што соговорниците разговарале и за прашања поврзани со регионалната и европската стабилност и безбедност.
Притоа, како што дополнуваат од Министерството, тие размениле мислења и за важноста на соработката и партнерството во рамките на НАТО, актуелните глобални безбедносни предизвици, војната во Украина и состојбите на Блискиот Исток.
јуни 17, 2026

