Култура
Заврши првото издание на „Младински Фест Пехчево“ – младоста, спортот и креативноста во фокусот
Со богата програма исполнета со спортски, креативни и музички содржини успешно заврши првото издание на манифестацијата „Младински Фест Пехчево“. Настанот како што информираа на денешната завршан прес-конференција од Општина Пехчево обедини голем број млади и посетители во заедничка промоција на активниот животен стил, уметноста и дружењето.
-Фестивалот беше реализиран низ три тематски целини. Во рамки на спортскиот дел „Пехчево на точак“, околу 50 учесници ја поминаа велосипедската рута до врвот Кадиица, демонстрирајќи спортски дух и љубов кон природата. Во продолжение, градскиот плоштад се претвори во простор за креативност и интеракција преку програмата „Пехчево на плоштад“, која опфати зона за уметност, зона за друштвени игри и натпреварувачки активности, овозможувајќи им на младите активно да се вклучат во различни содржини, информираа од Општина Пехчево.
Завршниот дел од фестивалот, „Пехчево на сцена“, беше резервиран за музичка програма и забава, при што за атмосферата се погрижија Анастасија Спасевска и DJ Doomloaf, привлекувајќи бројна публика на градскиот плоштад.
Организаторите упатија благодарност до сите учесници, посетители, волонтери и поддржувачи кои придонесоа за успешната реализација на првото издание на фестивалот, оценувајќи дека настанот претставува добра основа за негово понатамошно развивање и традиционално одржување.
„Младински Фест Пехчево“ беше реализиран со поддршка на Европската Унија
јуни 15, 2026


