Регион
ЕК: Словенија да обезбеди т.н. „Шутар закон“ да не влијае несоодветно на која било заедница
Европската комисија со големо внимание ги следи случувањата во Словенија со усвојувањето на т.н. „Шутар закон“ и ја повикува земјата да обезбеди неговото спроведување да не влијае несоодветно кон која било заедница и да избегне создавање на услови за ранливоста за оние кои веќе и онака се изложени на ризик, изјави денеска портпаролката на ЕК за социјална права и еднаквост Ева Хрнчирова.
Изјавата на Хрнчирова беше одговор на прашање за коментар на Европската комисија на законот усвоен синоќа во словенечкиот Парламент по скратен постапка, кој според претставниците на ромските организации, претставува закана за третирање на малцинствата како закана за безбедноста и овозможува проширување на некои полициски овластувања.
– Видовме дека законот по брзо постапка помина во Парламентот. Колку што знаеме тој треба да биде одобрен и од словенечката претседателка. Ја охрабруваме Словенија да обезбеди спроведувањето на овој т.н. „Шутар закон“ да не влијае несоодветно на која било заедница, рече Хрнчирова.
Според неа, одржувањето на безбедноста и јавниот ред е важно, но мерките што се применуваат за тоа мора да бидат целосно во согласност со правото на ЕУ и принципите за почитување на основните права.
– Ние сме ангажирани и ќе продолжиме да соработуваме со словенечките власти за да ги почитуваме овие принципи. Повторувам дека сме против секаков вид дискриминација, вклучително и на Ромите, рече Хрнчирова, додавајќи дека ЕУ има конструктивен дијалог со ромската заедница на европско ниво и поддржува таков дијалог и меѓу националните власти и претставниците на Ромите за решавање на безбедносните проблеми и можните социјални исклучувања.
На усвојувањето на т.н. „Шутар закон“ реагираше и Ромската фондација за Европа посочувајќи дека тој е причина за длабока загриженост, затоа што покажува како едно цело малцинство може да се третира како „безбедносна закана“.
– „Законот Шутар“ не е словенечка приказна. Тоа е европско предупредување, покажувајќи колку брзо стравот може да стане закон, колку лесно една група може да стане безбедносна категорија и како мала земја може да создаде преседан доволно голем за да го преобликува целиот европски проект, се наведува во реакцијата на Ромската фондација.
Според фондацијата, Словенија направи нешто што Европа ретко признава дека се случува во рамките на ЕУ, усвојувајќи закон со кој цело малцинство се третира како безбедносна закана и се дозволува влез без налози по домовите и проширени овластувања за надзор и ангажирање на војската во домашното полициско работење.
– Законодавството означува длабока промена во начинот на кој една земја членка на ЕУ ја дефинира безбедноста во сопствените граници, смета Фондацијата.
Според потпретседателот на Фондацијата и основач на организацијата Роми за демократија, Менсур Халити, овој закон претвора цели населби во безбедносни зони, а нивните жители во безбедносни категории.
– Тоа го намалува политичкиот трошок од таргетирањето на оние кои веќе се исклучени од слободно и фер политичко учество, изјави Халити, додавајќи дека иако промените што ги носи овој закон не изгледаат драматични, тие сепак ги менуваат правилата на играта.
Во соопштението се потсетува дека законот беше подготвени за помалку од две недели по убиството на Алеш Шутар во Ново Место, во атмосфера обележана со морална паника, распоредувања на полицијата и протести оформени околу идеја за „ромска криминалност“.
– Она што Владата го опишува како привремен одговор, всушност, е политички маневар што ќе го промени однесувањето на државите, ставовите на партиите и очекувањата на европските соседи, се додава во реакцијата.
Фондацијата оценува дека закони како овој не го намалуваат ризикот, туку само го зголемуваат, зголемувајќи ја и дистанцата меѓу заедниците, ја подгреваат политичката атмосфера и создаваат услови каде што една гласина, навреда или уличен инцидент може да доведат до несоодветна ескалација.
Во соопштението се нагласува дека со ваквиот закон Словенија „ја намали политичката цена на репресијата низ целата Унија“.
– Последиците ќе се почувствуваат многу подалеку од Словенија. Кога стабилна земја членка на ЕУ третира малцинство како безбедносна закана, секоја кревка Влада во регионот добива една порака: овие алатки не се нелиберални, тие се европски. И откако ќе се увезат, тие ретко остануваат ограничени на оние што веќе се исклучени од слободно и фер политичко учество. Тие се шират кон мигранти, демонстранти, новинари и секој што е непријатен за владејачката партија, оценува Ромската фондацијата.
Според неа, Законот отвора и сериозни уставни и европски прашања, предизвикувајќи ги заштита поврзана со приватноста, неприкосновеноста на домот, податоците и комуникациите, судските заштитни мерки и ограничувањата за домашна употреба на војската, со што ги доведува во прашање основните гаранции утврдени со Повелбата за основните права на ЕУ и Европската конвенција за човекови права.
– Унија која дозволува стравот да стане политика, не може да им држи предавања
на своите соседи за демократијата и владеењето на правото. Ако Европа не може да ги заштити своите стандарди дома, не може веродостојно нив да ги бара надвор, изјави Халити, според кога одлуката на Словенија го тестира кредибилитетот на ЕУ.
Според Фондацијата, влијанието на ЕУ не зависи од користењето на воена сила, туку од легитимитетот што гарантира дека европските вредности се опипливи и применливи.
– Таа логика се руши во моментот кога Унијата толерира земја членка да ја претвори несигурноста во политика, а целото малцинство во полициски експеримент. Континент кој не е во можност да ги заштити оние кои се најмногу изложени на дискриминација, не може веродостојно да тврди дека ја брани демократијата надвор. Европа што го нормализира стравот дома, ризикува да ја изгуби единствената форма на моќ што некогаш навистина ја имала, заклучува Фондацијата во реакцијата.
ноември 19, 2025

