Култура
Во Романија објавена антологија на најмладата македонска поезија „Мојата песна се фрла од мост / Poezia mea se aruncă de pe pod“
По триесет и шест години од објавувањето на првата антологија на македонска поезија на романски јазик, во Националниот музеј на литературата во Букурешт завчера беше промовирана новата антологија на македонската најмлада поезија „Мојата песна се фрла од мост / Poezia mea se aruncă de pe pod“.
Антологијата е во издание на романската издавачка куќа „Editura Carminis“, а изборот на поезија е направен од Елена Ѓорѓиовска и Анисија Ангел. Во антологијата се застапени 31 млад македонски автор роден по 1990 година, а се препеани вкупно 68 песни.
Желбата за создавање на антологијата се родила на часовите за преведување на Лекторатот по македонски јазик при Факултетот за странски јазици и книжевности во Букурешт, каде студентите, преку непосреден контакт со современата македонска книжевност, ја почувствувале потребата оваа поезија да биде доближана и до романската публика. Дополнителен поттик за создавањето на антологијата било и сознанието дека првата антологија на македонска поезија на романски јазик – „Falanga: lirică macedoneană, antologia poeziei contemporane macedonene“ во препев на Јон Димитру и Каролина Илика – била објавена уште во далечната 1990 година. Но, со оглед на тоа што оваа антологија не била печатена во Романија – „Мојата песна се фрла од мост (антологија на најмладата македонска поезија)“ може да се смета за прва современа двојазична антологија на најмладата македонска поезија објавена во Романија.
Препејувачите Тилда Рамона Теака, Дениса Елена Бербече, Михај Даниел Баба, Анисија Ангел, Дарија Јоана Алексе, Роберта Штефанија Јонеску и Вика Јоана Јон работеа под менторство на лекторката по македонски јазик Елена Ѓорѓиовска.
-Препејувањето и пренесувањето на песните од еден на друг јазик го означува второто раѓање на поезијата, а препејувачите ја исполнија интерпретативната верност и им останаа доследни на смислата, римите и на текстот- изјави Ѓорѓиовска.
Таа посочи дека најмладите македонски поети и поетеси заслужуваат ваков простор, бидејќи нивната поезија не е само сведоштво за едно време, туку и доказ дека современата македонска книжевност поседува свеж, автентичен и силен поетски глас кој умее да комуницира и надвор од границите на сопствениот јазик.
-Ние, Романците и Македонците сме токму тие народи кои си играат со мартинки, кои собираат храброст пред да се напијат голтка ракија од чоканчето, кои веруваат во уроци, народи за кои чаршафите што се сушат наликуваат на љубовни писма, народи во чии куќи полни со крпеници има изобилство љубов- рече препејувачката Анисија Ангел.
Свечената промоција се одржа во Националниот музеј на романската литература во Букурешт на 11 мај 2026 година, а настанот официјално го отвори в.д. амбасадор на нашата земја во Романија, г. Златан Беговиќ. Во рамките на промоцијата поезија читаа препејувачите, како и дел од студентите од Лекторатот по македонски јазик во Букурешт: Дијана Санду, Клаудиу Илие и Џорџијана Бертеа, додека свое излагање имаше и лекторката Елена Ѓорѓиовска која рече дека „современата македонска поезија е поезија со исповеден тон — знае кога да биде мрачна и кога да разнежни, и покрај тоа е силна, знае да ѝ се спротивстави на реалноста, но и на самата себе“.
мај 19, 2026
