Култура
Концерт „Квартет саксофони“ вечерва во Кочани
Во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани вечерва во 19.30 часот ќе се одржи концертот „Квартет саксофони“. Ќе настапат изведувачите Горан Кавраков, Славица Деспотова, Никола Темелков и Даме Камчев.
Горан Кавраков (Штип, 1984) дипломирал и магистрирал на инструментот саксофон на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Од 2002 до 2007 година работи како саксофонист во Биг Бендот на Македонската радио-телевизија. Од 2007 работи како професор по саксофон во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип.
Никола Темелков (Штип, 1985) дипломирал на ФМУ во Скопје инструментален отсек – саксофон во класата на проф. С. Димов. Во 2011 година со завршување на педагошката доквалификација, се стекнува со звање наставник по саксофон во ДМУЦ во Штип. Активно учествува на мајсторски школи, семинари и културни лета и е постојан член на квартетот.
Славица Деспотова (Штип, 1980) дипломирала на Државната музичка академија „Панчо Владигеров“, а магистрирала на Новиот бугарски универзитет во Софија. Во моментот работи како наставник во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип.
Даме Камчев (Кавадарци, 1988) е дел од првата генерација дипломирани студенти на одделот за џез студии-саксофон при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Во 2013 година своето образование го продолжил студирајќи класични студии по саксофон на ФМУ во класата на проф. Н. Димов.
Проектот е дел од годишната програма на „Бели мугри“, под покровителство на Министерството за култура и туризам.
мај 19, 2026
