Останати спортови
Алкалоид со втора максимална победа на ЕКК во шах
Второто коло од Европскиот клупски куп во шах, кој се одржува во Будва, Црна Гора, донесе нови сигурни победи за фаворитите, меѓу кои и за ШК Алкалоид.
Македонскиот шампион играше против 30-рангираниот клуб Бреидаблик, најдобриот претставник на Исланд, и на сите шест табли беа прокнижени сигурни победи.
– По два часа игра, нашите шахисти на првите две табли почнаа да го кршат отпорот – Еригаиси создаде хаотична позиција од која го надигра противникот, додека, пак, Веи уште еднаш импресионираше во остра сицилијанка, демонстрирајќи врвна домашна подготовка. Ништо помалку спектакуларни не беа и другите – Аравинд играше шест часа во реми-позиција и на крај победи, по што следуваше и триумфот на Пураник над исландскиот ФИДЕ-мајстор. На последните две табли Ивиќ одигра екстра квалитетна партија, а ВМ Звонко Станојоски одработи трпеливо и мајсторски, со што го задржавме стопроцентниот учинок – изјави ВМ Влатко Богдановски, капитен на ШК Алкалоид.
Со новите два бода фармацевтите се во ексклузивно друштво на 25 екипи кои имаат по четири бода, па, во согласност со впарувачката логика на швајцарскиот систем, во 3. коло ќе им се вкрстат патиштата во борбата за европската титула.
Вториот клуб ШК Мулти Есенс, кој се наоѓаше на 43. место на стартната ранг-листа, загуби од 15-рангираниот Шахфројнде од Берлин, најдобро котирачкиот клуб од Германија.
Токму Шахфројнде ќе му биде противник на Алкалоид во третото коло.
октомври 19, 2026


