Хроника
Над 50 хектари зафатени од пожар во Дебрца, спречено ширење кон посеви со пченка и фотонапонска централа
Повеќе од 50 хектари полско земјиште обраснато со висока сува вегетација беа зафатени од пожар што синоќа избувна во атарот на Општина Дебрца, на потегот од Белчишта кон селата Лешани и Злести.
Во гаснењето интервенирала Територијалната противпожарна единица Охрид со три противпожарни возила, заедно со екипа на „Ентузијаст Дебрца“. Интервенцијата траела до доцните ноќни часови, а огнот бил спречен да се прошири кон приватни посеви со пченка и фотонапонска централа.
Градоначалникот на Општина Дебрца, Златко Сиљаноски, укажа на опасноста пожарот да се прошири и можноста да предизвика последици од многу поголеми размери.
Сиљаноски кој беше на терен за време на интервенцијата, упати апел до жителите на општината да престанат со палење стрништа, посочувајќи дека таквото однесување претставува сериозна закана за луѓето, имотот и природата.
-Ова веќе не е само невнимание, ова е директно загрозување на општата безбедност- порачал градоначалникот, повикувајќи на максимална совесност и одговорност.
Тој предупредил дека пожарите предизвикани од намерно или несовесно палење за многу кратко време можат да излезат од контрола и да загрозат човечки животи, земјоделски површини, објекти и природни богатства.
-Огнот не избира, да бидеме разумни пред да биде предоцна- се наведува во апелот на градоначалникот на Општина Дебрца.
октомври 19, 2026

