Connect with us

Здравје

Знаци кои укажуваат дека телото има недостаток од течности

Високите температури носат зголемен ризик од дехидрација, а експертите предупредуваат дека симптомите на недостаток на течности не се секогаш толку очигледни. Иако жедта е првиот знак дека на организмот му недостига течност, дехидрација може да се појави и од замор, главоболка, вртоглавица, па дури и промени во расположението. Таа настанува кога телото губи повеќе течности отколку што внесува. На тоа можат да влијаат зголемено потење, престој на сонце, покачена телесна температура, консумирање алкохол, но и интензивна физичка активност.

– Чувството на жед најчесто се јавува откако телото ќе изгуби околу два проценти од вкупните течности. Во летниот период, кога потењето е почесто поради високите температури, овој знак може да се појавува почесто од вообичаено, советуваат докторите, предупредувајќи дека не треба да се чека само чувството на жед за да се внесе вода, бидејќи телото може да покажува и други знаци дека му е потребна хидратација.

Според нив, еден од наједноставните начини да се процени дали организмот е доволно хидриран е да се обрне внимание на бојата на урината. Светложолтата боја најчесто укажува на добра хидрираност, додека потемната боја може да биде знак дека телото има недостаток на течности. Како дополнителен показател може да се појави и поизразен мирис на урината.

Како втор показател е замор и намалена концентрација. Човечкиот мозок содржи приближно 75 проценти вода, па недостатокот на течности може директно да влијае врз менталните способности. Дури и мала дехидрација може да доведе до тешкотии со концентрацијата, побавно размислување и намалена способност за донесување одлуки. Многумина оваа состојба ја опишуваат како „мозочна магла“, чувство при кое е тешко да се одржи вниманието и нормално да се извршуваат секојдневните обврски.

Недоволниот внес на течности е и една од честите причини за појава на главоболка во летниот период. Според експертите, намаленото количество вода во организмот може да влијае врз процесите на телото поврзани со чувството на болка. Доколку дехидратацијата напредува, може да дојде до намалување на крвниот притисок, што може да предизвика вртоглавица, слабост, па дури и губење на свеста.

Последните истражувања спроведени од докторите, покажуваат дека доволната хидрираност е важна не само за физичкото, туку и за менталното здравје. Луѓето кои не внесуваат доволно течности почесто се под стрес, напнатост и полошо расположение.

– При потење организмот не губи само вода, туку и важни електролити, меѓу кои и натриумот. Непријатните мускулни грчеви, особено кај постарите лица и по интензивен физички напор, може да е уште еден знак за недоволен внес на течности во организмот, предупредуваат тие.

Според нив, повеќето возрасни лица треба во текот на денот да внесат меѓу 1,5 и 2 литри течности, а во периоди на големи горештини потребите може да бидат и поголеми.

– Еден од најдобрите показатели за добра хидрираност останува светлата боја на урината, која најчесто покажува дека организмот добива доволно течности, советуваат лекарите.

Ad
Ad