Општини
Одбележани 125 години од формирањето на Првата охридска востаничка чета во Велгошти
Во манастирот „Св. Петка“ во селото Велгошти вчера беше одбележан значајниот јубилеј – 125 години од формирањето на Првата охридска востаничка чета, историски чин кој се смета за еден од најзначајните моменти во дејствувањето на Охридската револуционерна организација.
На пригодната свеченост, во име на Општина Охрид присуствуваше делегација предводена од претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски, која положи цвеќе во манастирската спомен-соба. На одбележувањето присуствуваа пратеници, претставници на институции, граѓански здруженија и граѓани.
„На денот кога се сеќаваме на храброста, пожртвуваноста и непокорот на нашите предци, го одбележавме овој значаен јубилеј. Им оддадовме почит на охридските војводи и комити кои, со вера во слободата и љубов кон татковината, го трасираа патот на македонската борба за национално ослободување. Слободата не е наследство што се чува во книги, таа е аманет што се брани со чест, достоинство и љубов кон татковината“, истакна претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.
За историското значење на формирањето на Првата охридска востаничка чета говореше проф. Михаил Патчев, посочувајќи дека овој настан претставува еден од најголемите успеси на Охридската револуционерна организација и важен дел од историјата на македонското револуционерно движење.
Делегациите и граѓани се поклонија пред споменот на револуционерите, со што беше испратена порака за зачувување на историската меморија и пренесување на нивното дело и вредности на идните генерации.
На формирањето на Првата охридска востаничка чета во 1901 година присуствувале Христо Узунов, Наум Цветинов, Андреј Христов, Наум Златарев и Никола Костојчинов. Според поновите историски сознанија, на овој настан присуствувала и мајката на Христо Узунов.
Историскиот чин се случил во манастирот „Св. Петка“ во Велгошти во 1901 година, оставајќи траен белег во историјата на охридскиот и македонскиот револуционерен отпор.
јули 9, 2026

