Хроника
Кривична пријава за „проневера во службата“ и „перење пари и други приноси од казниво дело”
Единицата за финансиски криминал поднесе кривична пријава против 47-годишен скопјанец и правно лице од Скопје, поради сомнение за проневера во службата и перење пари и други приноси од казниво дело. Според пријавата, со лажни извештаи за надоместоци при регистрација на возила биле присвоени 6.803.900 денари на штета на државниот Буџет.
– Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал криминал до ОЈО за ГОКК вчера поднесе кривична пријава против И.С. (47) од Скопје за „проневера во службата” (чл.354 ст.5 во врска со ст.1) и „перење пари и други приноси од казниво дело” (чл.273 ст.1) од КЗ и против правно лице од Скопје за „перење пари и други приноси од казниво дело” (чл.273 ст.1) од КЗ, се наведува во соопштението од МВР.
Според наводите во пријавата, И.С. во својство на овластено лице на пријавеното правно лице, кое имало овластувања за вршење на технички преглед на возила во периодот од 01.01.2021 до 20.01.2026 година, со намера за себе да прибави противправна имотна корист во износ од 6.803.900 денари, изготвувал и доставувал лажни извештаи за наплатени надоместоци при регистрација на возила до Јавно претпријатие за државни патишта, Црвен Крст, Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Mинистерство за животна средина и општините, се наведува во соопштението од МВР.
Изготвувањето на извештаите и лажирањето на податоците, како што посочуваат од МВР, биле извршувани во содејство со лицето С.С., кои како овластени лица за изготвување и потпишување на фактури и доставување на извештаи до надлежните институции со цел прикривање на паричните средства на наплатените парични средства преку две правни лица и осигурително брокерско друштво од Скопје, на чии сметки биле наплаќани предвидените надоместоци, понатаму го прикривале потеклото на парите со префрлање од една на друга сметка на правните лица и мешање на истите со приходите од редовното работење по различни основи (позајмици, договори за заедничка изградба на недвижен имот, договори за купопродажба на недвижен имот и возила, преноси на средства), а со цел купување на недвижен и подвижен имот со дел од криминално стекнатите парични средства во корист на пријавеното правно лице.
Според МВР, со наведените дејствија И.С. се стекнал со противправна корист во износ 6.803.900 денари по однос на надоместоци кои се наплаќале при регистрација на возила на штета на Буџетот на РСМ.
октомври 17, 2026


