Култура
Ново научно читање на Мисирков во монографија од Ганка Цветанова
Новата монографија „Социолошкиот дискурс на Крсте Петков Мисирков: За македонскиот идентитет и за нацијата“ од проф. д-р Ганка Цветанова, ќе биде промовирана на 6 април (понеделник), во 12 часот, во просториите на Музејот на македонската борба за самостојност. За научниот и академскиот придонес на оваа монографија во рамки на историјата и развојот на македонската социологија, како и за теориските аспекти што ги отвора, подетално ќе говорат рецензентите на книгата: академик Катица Ќулавкова и проф. д-р Константин Миноски. Книгата е во издание на „Арс Ламина“, а дизајнот е дело на Ласко Џуровски.
„Социолошкиот дискурс на Крсте Петков Мисирков: за македонскиот идентитет и за нацијата“ претставува теориско преиспитување на делото на Мисирков, притоа настојувајќи да ја нагласи неговата теориска длабочина и далекосежност во контекст на современите дебати за нацијата и идентитетот. Оваа научна студијата го реевалуира и реконцептуализира Мисирков низ социолошка перспектива, интерпретирајќи ги неговите текстови како политички и културни сведоштва, но и како аналитички обиди за разбирање на создавањето на заедницата, обликувањето на националната свест и утврдувањето на културата како основа на политичката легитимност. Во таа насока, студијата јасно и недвосмислено го афирмира Мисирков како основоположник на македонскиот социолошки дискурс. Иако главниот фокус на студијата не е непосредно насочен кон целосна реконструкција на процесот на создавање на македонската нација, сепак, преку социолошката анализа на делото на Мисирков, авторката Цветанова дава пресек на клучните моменти од тој процес, согледани во споредбен, историски и теориски контекст.
Авторката Ганка Цветанова е доктор по социолошки науки и редовен професор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Нејзините научноистражувачки интереси опфаќаат низа современи и општествено релевантни теми од областа на идентитетските прашања, нацијата и национализмот, етничките односи и конфликти, културните политики и управување во културата, како и односот меѓу демократијата и новите медиуми.


