Култура
Љутков: Претходната политичка опција пет години не успеа да го донесе законот за македонски јазик
Премиерот вчера даде совршен одговор и конкретен. Ставовите што ги имаме како Влада сме ги кажале многупати. Преминување преку црвените линии нема да има – рече денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков во врска со изјавата на евроамбасадорот Михалис Рокас дека нон пејперот не ги исклучува уставните измени за почеток на преговорите.
Одговорајќи на новинарски прашања по потпишувањето меморандум за соработка со Амбасадата на Франција, Љутков напомена и дека со Мицкоски воопшто не разговарал за најавената реконструкцијата во однос на ресорот култура.
Во однос на обвинувањата на СДСМ дека Владата не се грижи доволно за културното наследство и за идентитетот на македонскиот јазик, министерот е дециден дека на оваа политичка партија не треба да ѝ се обрнува внимание кога станува збор за културата и јазикот.
– Мислам дека не треба повеќе да ја слушаме оваа политичка партија кога станува збор за културата и дека не треба да обрнуваме внимание со оглед на деструктивната политика што се водеше во последните седум години за тотална девастација на културното наследство, 70 отсто намалување на буџетите и во делот на националните установи и во делот на културното наследство. Мислам дека не треба да се коментира. Во однос на јазикот, може да се види грижата на институциите со одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Тука беа вклучени министерствата за култура, образование и надворешни работи и сите институции што имаат програми во делот на македонскиот јазик. Имаше огромен буџет за одбележување на овој значаен јубилеј. Кога ќе слушнете од другата страна дека немало воопшто средства, треба да се прашате како сите институции ги обединивме во еден одличен јубилеј со сите нивни програми и буџети – истакна Љутков.
Според него, претходната политичка опција пет години не успеа да го донесе законот за македонски јазик.
– На крајот, моравме ние да се вклучиме како политика партија, да им го изработиме законот и да го донесеме. Но, таму има преодна одредба, не процениле дека треба да постои таква одредба за да може да се имплементираат сите работи – да се формира инспекторат за македонски јазик, таа инстиуција да влезе во рамките на Министерството за култура, да се распише конкурс за директор, да се направи нова систематизација, да се вработат лектори, тие потоа да полагаат и да станат инспектори. Тоа е подолг процес. Ако се грижеле толку за македонскиот јазик, ќе ставеле преодна одредба, а не да важи од денот на донесувањето. Ние ова што го направивме е во рамките на времето што го имавме во овој период, од истиот момент кога станавме Влада – посочи министерот.
јуни 13, 2026

