Connect with us

Сцена

Францускиот пејач Патрик Бруел под истрага за сексуално насилство

Францускиот пејач и актер Патрик Бруел е повикан на сослушување во рамките на истрага за наводно силување и сексуални напади врз најмалку 13 жени. Обвинителството соопшти дека Бруел ќе биде испрашуван во врска со три пријави кои се однесуваат на наводни силувања и сексуални напади извршени во периодот меѓу 1997 и 2003 година. Истото обвинителство го презеде и случајот за наводно силување за време на филмски фестивал во Динар во 2012 година, за кој претходно се водело истрага во Сен Мало.

Истражителите проверуваат и други случаи  за сексуална злоупотреба и вознемирување кои излегоа во јавноста откако беа објавени првите обвинувања против познатиот француски уметник. Во средината на мај, портпаролката на француската влада Мод Брежон ги повика жените кои тврдат дека биле жртви на сексуално насилство да се обратат до надлежните институции, нагласувајќи дека тоа можат да го сторат и многу години по наводните настани.

Бруел, кој во текот на својата кариера објави бројни успешни музички албуми и оствари повеќе од 40 филмски улоги, категорично ги отфрла сите обвинувања. Неговиот адвокат соопшти дека пејачот ќе одговори на сите прашања на истражителите и дека во целост ќе соработува со правосудните органи во текот на постапката.

За време на сослушувањето, истражителите ќе ја разгледуваат и пријавата поднесена на 1 јуни во Брисел, во која една жена тврди дека Бруел сексуално ја нападнал во 2010 година. Меѓу тужителките е и телевизиската водителка Флави Фламан, која тврди дека пејачот ја силувал во 1991 година, кога имала 16 години, а во врска со овој случај поднела посебна пријава до Обвинителството во Париз. Но, ваквите обвинувања не се предмет на оваа истрага.

Во меѓувреме, Бруел откажа поголем дел од турнејата која требаше да започне на 16 јуни во Париз. Турнејата опфаќаше настапи низ Франција, како и концерти во Швајцарија, Белгија и Канада.

Случајот привлече големо внимание во јавноста, со оглед на популарноста на Бруел, кој со децении е еден од најпознатите француски музичари и актери. Истрагата против пејачот е во тек, а надлежните органи продолжуваат да ги разгледуваат сите пријави поврзани со случајот. 

Ad
Ad