Connect with us

Вести

Директна авиолинија Анкара – Скопје и железничко карго-поврзување договори вицепремиерот Николоски со турските министри Болат и Уралоглу

Успешните средби што денеска ги имав со турскиот министер за трговија Омер Болат и министерот за транспорт Абдулкадир Уралоглу резултураа со договори за воспоставување директна авиолинија Анкара – Скопје и  железничко карго-поврзување меѓу двете земји – објави на својот фејсбук-профил вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

Средбите се одржаа во рамките на на македонско-турскиот бизнис-форум, што денеска се одржува во Истанбул. 

Министерот за трговија на Турција, пак, на социјалната мрежа Х ја објави информацијата за новата авиолинија и железничкото карго-поврзување и напиша дека двете земји продолжуваат да работат кон остварување на целта за билатерална трговска размена од 2 милијарди долари.

– По повод турско-македонскиот бизнис-форум, заедно со нашиот министер за транспорт и инфраструктура, Абдулкадир Уралоглу, остваривме средба со заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт на Република Северна Македонија, Александар Николоски. На средбата се согласивме дополнително да ја зајакнеме нашата соработка во областите на транспортот, логистиката, цивилното воздухопловство и железничкиот сообраќај. Веруваме дека директните летови на AJet на релација Анкара – Скопје, како и железничката соработка меѓу TЦДД и „МЖ Инфраструктура“ ќе дадат значаен придонес за трговијата, инвестициите и поврзаноста меѓу нашите земји – напиша турскиот министер за трговија, Омер Болат.

Во согласност со визијата на претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, за силна регионална соработка и економска интеграција, стои во објавата, со решителност продолжуваме да работиме кон остварување на целта за билатерална трговска размена од 2 милијарди долари.

– Во наредниот период ќе продолжиме да ги зајакнуваме транспортните коридори и да ги поддржуваме активностите на турските компании во Северна Македонија придонесувајќи за поврзаноста, просперитетот и заедничкиот развој на Балканот. Длабоките пријателски и братски врски меѓу нашите земји ќе стануваат уште посилни преку новите проекти што ќе се реализираат во областа на трговијата и инвестициите – посочи министерот Болат. 

Ad
Ad