Connect with us

Вести

Министерство за правда: Европската комисија ги препознава конкретните резултати од реформите во правосудството

Извештајот на Европската комисија за 2026 година нотира позитивни достигнувања во правосудството и го препознава напредокот во унапредувањето на законската и институционалната рамка во согласност со европските стандарди – соопшти попладнево Министерството за правда.

– Меѓу позначајните достигнувања се напредокот во спроведувањето на Стратегијата за реформа на правосудството 2024 – 2028, донесувањето на новиот Закон за Судскиот совет, кој во голема мера ги адресира препораките на Венецијанската комисија, како и донесувањето на новиот Закон за Советот на јавните обвинители. Во Извештајот се нотираат и донесувањето на законите за платите на судиите и јавните обвинители, новиот Закон за парничната постапка, напредокот во подготовката на Патоказот за владеење на правото, како и општата усогласеност на законската рамка за основните права со европските стандарди – се вели во соопштението на Министерството.

За Министерството за правда, како што наведуваат, овие оценки претставуваат потврда за постигнатите резултати, но и дополнителна обврска за продолжување на реформите.

– Особено внимание во наредниот период ќе биде посветено на доследната примена на законските решенија и исполнувањето на препораките на Европската комисија. Министерството нагласува дека вистинскиот успех на реформите не се мери само со донесените закони, туку и со нивното влијание врз функционирањето на институциите и остварувањето на правата на граѓаните. Целта останува – изградба на независен, професионален, транспарентен и ефикасен правосуден систем, во кој законот важи подеднакво за сите, а довербата на граѓаните се гради преку конкретни резултати – се посочува во соопштението на Министерството за правда.

Ad
Ad