Вести
Кривични пријави за двајца вработени на УГД Штип, осомничени за злоупотреби во системот за е-индекс
СВР Штип до Основното јавно обвинителство – Штип поднесе кривична пријава против Р.Т. (44), раководител на информатичкиот сектор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, и против М.М.Н. (44), вработена како советник во студентската архива поради сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „компјутерска измама“.
Според Министерството за внатрешни работи, на 3 ноември полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, СВР Штип, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и СВР Скопје извршиле претреси на повеќе локации во Штип и Скопје по наредба на Основниот суд – Штип.
Истрагата покажала дека првопријавениот Р.Т., во подолг временски период и за различни парични надоместоци, на студенти од Турција им овозможувал пријавување и полагање испити по истекот на законските рокови, како и незаконско менување и бришење оценки и кредити во електронските индекси, со цел тие неосновано да запишуваат нов семестар или академска година. Според МВР, во системот внесувал и податоци дека студентите ја платиле потребната школарина иако тоа не било сторено.
При претрес во неговиот дом биле пронајдени и одземени три лаптоп компјутери, четири мобилни телефони, четири УСБ уреди, документација, како и 954.800 денари, 4.750 евра и 600 американски долари. Р.Т. бил лишен од слобода, а бил извршен претрес и во службените простории на Универзитетот, при што бил одземен и еден компјутер.
Со судска наредба било извршено и пребарување на системот за е-индекс и на базите на податоци на Универзитетот „Гоце Делчев“, при што биле пронајдени електронски траги за извршени промени од страна на Р.Т., но и записи за измени извршени од страна на М.М.Н.
По дополнително издадена судска наредба бил извршен претрес и во домот на М.М.Н., по што и таа била лишена од слобода.
МВР информира дека против двете лица е поднесена кривична пријава, а случајот ќе биде предмет на натамошна обвинителска постапка.
ноември 5, 2026

