Connect with us

Култура

МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп отвори тема за која требаше, но досега не се говореше – менталното здравје во театарската уметност

Панел дискусијата насловена „На работ зад сцената – менталното доживување во театарот“ е тема која Фестивалот „Војдан Чернодрински“ ја отвори ден пред затворањето на манифестацијата. И тоа е првпат, воопшто, кај нас да се разговара отворено на оваа чувствителна тема за која, според театрологот Ана Стојаноска, требало да се прозбори пред 100, 50 или пред 10 години. Сепак, говорењето на темата ќе го отвори овој прекупотребен процес кој ќе им помогне на чинителите во театарот, професија која носи огромен притисок врз менталното здравје со кој час поскоро треба да се соочиме. 

-Сите ние што се занимаваме со уметност знаеме дека има периоди кога ни треба многу голема поддршка во тоа што го правиме. А театарот, посебно, зашто театарот е една уметност која во себе сочинува повеќеуметности и истовремено се случува во мигот создавањето. Нема отпосле, нема ќе го повторам. А сите како луѓе сме дефинирани онака како што сме, според својата психологија и карактер. Затоа, исклучително сум среќна, ден пред затворањето на Фестивалот, во моја високоемотивна состојба, ја отвораме оваа панел дискусија. Ќе почне од нас, а  за оваа тема ќе треба многу да се зборува, рече театрологот Ана Стојаноска и директорка на МТФ „Војдан Чернодрински.

Модераторот и креатор на потребата да се говори на оваа тема, режисерот Милош Б. Андоновски покани учесници од театарот, но и психолог, психотерапевт. Тој ги покрена прашањата за тоа: Што влијае на менталното здравје во театарскиот процес? Што го храни, а што го ограничува креативниот процес? Панел дискусијата отворено покрена теми или стереотипи за евентуална употреба на наркотични средства, алкохол, па дури и за суицидите.

Продуцентот Петар Антевски смета дека менталното здравје значи дека сме свесни за проблемите со кои се соочуваме и колку, свесно, знаеме да ги пребродиме. 

-За менталното здравје е најбитно да знаеме да ги обработиме чувствата кои доаѓаат за ситуациите во кои се доведуваме себе си. Независно, дали станува збор за ситуација предизвикана однадвор или одвнатре. Особено во оваа професија која на моменти е многу стресна. Сум се нашол во ситуации кога, едноставно, сум „експлодирал“. Не само зашто притисокот бил преголем, туку и зашто имало ситуации кога ми било многу важно, рече Антевски.

Актерот од кумановскиот театар Марко Трајковиќ отворено призна дека го чувствува притисокот на професијата, но најбитна е способноста за менаџирање на проблемите.

-Голем е тој притисок што се наталожува, и кога си на сцена, и кога имаш некоја поодговорна улога. Се разбира, секоја професија си има свој товар, проблеми. Способноста на убав менаџмент на сите проблеми за мене е дефиниција за ментално здравје во театарот, речеТрајковиќ.

Актерката Ангела Стојановска менталното здравје го дефинира како да се најде начин да се канализираат сопствените емотивни состојби без да му наштетиш на некој друг. 

-Ме вознемирува тоа кога ќе се рече дека ние сме креативци, а тоа, наводно, подразбира дека многу работи ни се дозволени. Но, вистинскиот термин е креативна работа и имаме работна обврска, како и сите други. За мене менталното здравје ќе го достигне својот максимум во театарот кога ова што го наведуваме, ќе престане да се случува и реално, ќе работиме во искрена, креативна атмосфера без испади. Ако се вратиме на професионализмот и ако секој си ја работи својата работа, ние ќе функционираме, рече Стојановска.

За психологот и психотерапевт, Сања Стефановиќ кога се зборува за менталното здравје, всушност, се зборува за тоа кога се нарушува. А се нарушува поради изложеноста на театарските дејци во јавноста.

-Кога, всушност е нарушено менталното здравје, дури тогаш, најчесто, го адресираме. Токму кога нешто не е во ред. Како и во секоја фела, така и во театарската, секако дека има предизвици за менталното здравје, кои се многу поизразени од различни причини. Доста истражував околу тоа и сфатив дека самата специфичност на професијата која актерот го става на сцена, добива голема јавност, а и другите се потпишувате на секој проект. Тоа ја прави вашата позиција јавна. Тоа некако додава на тежината на нарушувањето на менталното здравје, бидејќи целиот професионален живот значи изложеност. На критика, на суд, изложеност на очекувања. Додава уште повеќе на притисокот и стресот за кој ние зборуваме денес, образложи Стефановиќ. 

Стефановиќ е категорична: Во ова време, не само на театарските дејци, туку и на луѓето во другите професии им треба психотерапевт за да се носат со притисокот.

-Дали секој човек треба да оди на терапија? Без разлика на фелата. Мојот одговор е – да. Сите луѓе, се надеваме дека сакаме да станеме подобар човек во нашата околина. Секогаш е нужно да се избориме со сопствените демони, со сопствените процеси. Ако сум оптоварена со се и тоа го носам на работа, јас нема да можам да се внесам во ликот. Или, влегувам во ликот како бегство за да не се занимавам со сопствениот процес, личен проблем. А личниот процес може да биде извонредно место од кое ќе се црпи инспирација, објаснува Стефановиќ.

На панел дискусијата се отворија и други суштински прашања кои остануваат затворени поради стереотипноста. Евентуалното користење наркотични средства, алкохол, но и најстрашното,суицидноста.

Учесниците на панел-дискусијата нагласија дека имаат свој „вентил“, свои ритуали за да го намалат притисокот од интензивниот професионален ангажман. Тоа кај секого е различно, ама ефективно. Некои дури функционираат ако цело време „ги држи “ стресот. Но, секој има свој начин да се избори со притисокот. А сите, без исклучок, заклучија дека психолог или психотерапевт е потреба и неопходност во театарската фела. И за тоа треба отворено да се говори.

Ad
Ad