Вести
Јаневска: Се затвораат 26 училишта со мал број ученици, не е отпуштен ниеден наставник
Учениците ќе имаат учебници, тие се дистрибуирани и се наоѓаат во училиштата. Првпат годинава тоа го имаме завршено многу порано пред почетокот на учебната година – изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска една недела пред почетокот на учебната 2026/2027 година.
– Не можам да кажам дека ќе нема. За жал, верувам дека и ќе има. Но, искрено верувам дека тоа ќе биде сведено на минимум и дека ќе биде инцидентно – рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање дали по 1 септември очекува поплаки за оштетени учебници.
Смета дека по организираните онлајн-подготовки, училиштата веќе сериозно пристапуваат кон пријавувањето потребен број учебници, односно за замена на оштетените, и дека пропустите што ги правеле се намалени во изминатите три учебни години.
– Долго време беше отворен електронскиот систем оти тоа е начинот да бидеме сигурни дека работата ќе биде завршена како што треба. Сите што побараа ќе добијат и го добиваат она што побарале. Оние што не побарале е нивна одговорност и Министерството во иднина нема да презема никаква туѓа одговорност затоа што три години спроведуваме систем кој е стабилен и кој обезбедува стабилна набавка на учебници – рече Јаневска одговарајќи на новинарски прашања по промовирањето на порталот „Е-наука“.
Соопшти дека за 2026/2027 се запишани речиси 14.500 првачиња, но тоа не е дефинитивниот број затоа што до крајот на септември трае запишувањето првачиња кои задоцниле на рокот за упис.
Во врска со оптимизацијата на училишната мрежа поради воведување едносменска настава, министерката соопшти дека оваа година очекува природно да бидат затворени 26 рурални училишта во кои нема упис на првачиња и во кои, како што рече, наводно учат од пет до осум деца.
– Она што успеавме да го направиме, во моментот имаме речиси 200 паралелки помалку во основното образование и 100 паралелки помалку во средното образование. Потенцирам дека тоа се прави со цел да им се овозможи социјализација на учениците, подобар квалитет на образование на учениците, а не изолирано постоење во одредена рурална средина, каде што владеат одредени принципи, па и одредени стереотипи и каде што квалитетот на образованието не може да биде соодветен поради малиот број ученици, особено ако станува збор за комбинирани паралелки, каде што учат ученици од три одделенија, колку што е со закон дозволено – рече Јаневска.
Додаде дека настава во вакви комбинирани паралелки ќе се спроведува само онаму каде што ќе бидат принудени, односно ако подрачното (рурално) училиште се наоѓа на повеќе од 15 до 20 километри оддалеченост од првото најблиско централно училиште.
– Тогаш ќе го спроведуваме ова, и тоа го прават и други земји, и е оправдано. Но, ако имаме централно училиште, во кое има 200 деца, а на 2,5 километри имаме училиште во кое има 18 деца, нема логика да ги чуваме овие 18 деца заробени во тоа училиште. Треба да ги придвижиме кон ова другото – посочи Јаневска.
Нагласи дека во овој момент не е отпуштен ниеден наставник вработен на неопределено време и дека во некои скопски општини, како што е Аеродром, има недоволен број наставници и таму очекува да има неколку вработувања.
– Во сите други училишта надвор од Скопје кадарот е доволен. Затоа мерката е подолг престој на учениците во училиште – целодневна настава, каде што во една паралелка – да речеме од 20 деца, не мора да се 30, ќе работат две одделенски наставнички: едната во едната половина од денот, другата во другата половина од денот, со обврска да ги причуваат и да работат со децата, да учат со децата до 16 часот. За родителите да бидат слободни, за да не трпат децата влијание од баби и дедовци, кои сигурно им мислат најдобро на децата, но децата насекаде во светот сè порано почнуваат да одат во градинки и во училиште. Ние мора да го следиме тој тренд, инаку нашите возрасни потоа, студенти и луѓе што влегуваат на пазарот на труд нема да бидат конкурентни никаде, освен во Македонија – додаде Јаневска.
август 25, 2026
