Култура
Валерија Дамчевска победничка на „Поетски слем Македонија“
Слем-поетестата Валерија Дамчевска е победничка на годинашното, 16. издание на „Поетски слем Македонија“, кое од 8 до 11 октомври се одржува во Прилеп. Следната година таа ќе ја претставува Македонија на Европското слем-првенство.
Одлуката ја донесе петчлена жири-комисија, според која второто место го освои Стефанија Граовац, а третото – Матеј Петров.
Тимот што го организира „Поетски слем Македонија“ соопшти дека годинава се претставиле десетина учесници од неколку градови од земјава и настапиле со свои поетски и прозни дела.
Неколкудневниот фестивал беше отворен со изложба на ДЛУМ-Битола во Центарот за култура „Марко Цепенков“. Во наредните денови, покрај поетските читања, се одржаа и промоции на книги поезија од авторите Елена Пренџова, Сузана Мицевска, Марија Грубор, Ненад Јолдески и Пијан Славеј (Бранислав Николов), кој заедно со „Хот џез оркестра“ синоќа одржа поетски концерт во киното „Мис Стон“.
-Фестивалот годинава пулсираше во африкански ритам за што продонесоа специјалните гостинки од Мозамбик – Африка, Елијане Бутелане и Наташа Сокре. Денес е последниот фестивалски ден и учесниците имаа можност да присуствуваат на поетско читање на манастирот Трескавец. Фестивалот ќе заврши вечерва со поетско читање посветено на Тихомир Јанчовски, настан што ќе се одржи во вилата „Ана Плетварска“ со почеток во 19:30 часот, се наведува во соопштението.
„Поетски слем Македонија“ досега има испратено 11 национални претставници на Европското слем-првенство, како и двајца претставници на Светското слем-првенство. Литературната манифестација е во организација на Театарска работилница – Прилеп.
октомври 11, 2026


