Connect with us

Свет

Кубилиус: ЕУ и Киев треба да изработат сопствен план за мир во Украина

Европскиот комесар за одбрана Андриус Кубилиус ги повика Европската Унија и Украина да изработат независна мировна стратегија, по новите критики кои американскиот претседател Доналд Трамп ги упати до украинскиот лидер Володимир Зеленски, пренесува денес „Фигаро“.

„Досега Европската Унија беше единствениот сериозен финансиски поддржувач на Украина, но очекуваше дека раководството на САД ќе помогне да се донесе мир во Украина“, напиша на социјалните мрежи европскиот комесар за одбрана и вселена, Литванецот Андриус Кубилиус.

Тој додаде дека е дојдено време ЕУ и Украина заедно да развијат и спроведат независна мировна стратегија. Како што наведува францускиот весник, се чини дека овие зборови го одразуваат неговиот личен став, а не официјалната политика на ЕУ.

Изјавите следуваа по изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој во саботата ја повика Украина да „најде нов лидер“ откако претседателот на земјата Володимир Зеленски ја осуди одлуката на Вашингтон да ги ублажи санкциите за рускиот дизел, во момент кога Трамп се соочува со притисок поради цените на горивата, само неколку недели пред изборите на средината на мандатот.

Трамп го обвини украинскиот претседател дека го блокира договорот со Москва и дека ги игнорира наредбите да не се изведуваат напади врз руските рафинерии.

Од своја страна, Киев и неговите европски сојузници предупредија дека попуштањето на притисокот врз Москва би помогнало во финансирањето на војната што ја води Кремљ.

Ad
Ad