Свет
Климатските промени го компликуваат обновувањето на прашумите во Шкотска
Климатските промени го прават обновувањето на шкотските прашуми „покомпликувано“, додека пристапот до финансиски средства „нè забавува“, соопштија членовите на коалицијата за нивно спасување.
Алијансата за шкотските прашуми призна дека се предвидува оти климатските промени ќе ја намалат површината на шкотските прашуми, додека загадувањето на воздухот би можело да влијае врз ретките лишаи и бриофити (неваскуларни растенија) кои се исклучително чувствителни на еколошките услови.
Постојат околу 93.000 хектари полуприродна шума во шкотската прашумска зона, но помалку од една третина содржи биодиверзитет карактеристичен за прашумите.
Шкотска ги има најдобрите преостанати локации за прашуми во цела Европа, но останати се само околу 30.000 хектари — површина малку поголема од Единбург.
Алијансата е мрежа од повеќе од 40 организации кои работат заедно за обновување и заштита на шкотските прашуми, вклучувајќи ги Националниот траст за Шкотска, РСПБ Шкотска, Плантлајф Шкотска и Шуми и земјиште Шкотска.
Кристофер Елис, раководител за конзервациска наука во Кралската ботаничка градина во Единбург, која исто така е дел од алијансата, изјави за „Прес асосиејшн“ дека „една од проекциите за идните климатски промени во Обединетото Кралство е, на пример, дека нашите лета ќе станат потопли и посуви“.
Такво нешто претставува закана за опстанокот на прашумите и видовите што ги населуваат, бидејќи е мала веројатноста тие да се справат со овие периоди на суша, со овие потопли и посуви услови кои најверојатно ќе ги искусиме за време на нашите идни лета“.
Шкотската прашума постои во полуприродните шуми на западниот брег на Шкотска поради високите врнежи од дожд во тоа подрачје, благите температури и чистиот воздух. Овие услови ги обезбедуваат соодветните околности за развој на мововите, џигерниците и лишаите.
Алијансата се надева дека ќе ја прошири прашумата и цели сите можни области со прашумски биодиверзитет да бидат обновени до 2045 година. Сепак, Елис рече дека климатските промени го прават планирањето однапред за прашумите „покомпликувано“.
Тој продолжи: „Ако вршите регенерација на умерена дождовна шума, неопходно е да размислите каде во пејзажот најверојатно ќе се појават тие засолништа од климатските промени“.
Размислувањето за климата за 50 или 100 години, тој вид планирање однапред околу климатските промени … им го прави животот на сите многу покомпликуван, но тоа е нешто што одзема голем дел од моето време за истражување“, додаде тој.
Ако алијансата успее да ја обнови прашумата и да ја удвои нејзината големина, стручњаците велат дека таа би станала поотпорен екосистем на какви било влијанија од климатските промени.
Џули Стоунмен, менаџерка на програмата „Да ги спасиме шкотските прашуми“ во Плантлајф Шкотска (Plantlife Scotland), изјави дека целта е „многу амбициозен проект“, но дека не е недостижна.
– Тоа е надвор од моите најлуди соништа. Никогаш не мислев дека ќе стигнеме до тоа. Секогаш мислев дека 2045 година е повеќе замислена желба. Но, ако продолжиме со ова ниво на интерес и замав, ќе стигнеме таму – рече таа.
Алијансата проценува дека износот на инвестиции потребни за обновување на шкотските прашуми изнесува околу 500 милиони фунти.
октомври 12, 2026


