Сцена
Калиопи со концерт во арената „Борис Трајковски“ одбележува 50 години музичка кариера
Со концерт во арената „Борис Трајковски“ во Скопје на 17 октомври, Калиопи ќе одбележи 50 години од почетокот на својата музичка кариера.
На денешната прес-конференција таа најави дека претстојниот концерт ќе биде со поинаков концепт во споредба со нејзините претходни концерти во арената „Борис Трајковски“ во 2024 година и концертите во Македонската филхармонија во 2025 година, и ќе опфати репертоар со песни од различни периоди од нејзиното творештво.
– Се потрудивме да направиме поинаков концепт. Основата, мојот бенд, секако ќе биде таму. Што се однесува до репертоарот, ова ќе биде журка, ова ќе биде ноќ на радоста, ќе биде ноќ кога ќе евоцираме спомени. Секако, нема да ве оставам без одредени балади – рече Калиопи.
На сцената, како што најави, ќе има и специјален гостин, чие име ќе биде откриено десет дена пред концертот. Навраќајќи се на своите почетоци во 1976 година, кога настапила на „Златно славејче“, Калиопи истакна дека и по пет децении со иста страст создава нова музика со својот долгогодишен соработник Ромео Грил.
– Мојот пат започна во 1976 година, на „Златно славејче“. Овој октомври, кога ќе се случи претстојниот концерт во арената „Борис Трајковски“, ќе одбележам 50 години. Поминале 50 години, а јас сè уште со мојот откачен Ромео Грил влегувам во студио и правиме музика која е безвременска, на која реагираат и најмлади и постари. Тоа е непроценливо богатство … Ромео е навистина вонвременски. Сум направила многу свои албуми, многу своја музика и сето тоа допрело до публиката. Но, тој човек има икс-фактор кога станува збор за музиката. Тој ми направи таква песна.. И можам да откријам дека ќе биде на српски јазик. Се работи за една многу моќна рок-балада – рече Калиопи.
По неодамнешното објавување на синглот „Бебе“, за кој музиката, аранжманот и продукцијата ги потпишува Грил, таа најави и нова песна на српски јазик, која ја дефинираше како рок-балада, за која, рече, е планирано снимање видеозапис во Загреб.
На прес-конференцијата беше посочено и дека добила покана од хрватската пејачка Тереза Кесовија да биде нејзина гостинка на концертите во салата „Ватрослав Лисински“ во Загреб, кои беа закажани за 3 и 4 октомври. Калиопи посочи дека поканата за неа претставува чест, но, како што рече, настапите на Кесовија се одложени поради нејзината здравствена состојба.
октомври 1, 2026
