Фудбал
Реал Мадрид ќе го врати Нико Паз
Реал Мадрид подготвува сериозна инвестиција за да го врати Нико Паз на „Сантијаго Бернабеу“. Аргентинскиот талент продолжува со одличните настапи во Комо под водство на Сеск Фабрегас, поради што Кралевите планираат да ја активираат клаузулата за негово враќање вредна 80 милиони евра.
Реал уште минатото лето размислуваше да го задржи 20-годишниот фудбалер, но самиот Пас инсистирал да продолжи во Комо. Италијанскиот клуб потоа се договори со мадридскиот гигант да ги откупи преостанатите 50 проценти од неговите права за 60 милиони евра. Претходно, во 2024 година, Комо плати шест милиони евра за неговиот трансфер.
Сепак, Реал ја задржа можноста повторно да го ангажира Аргентинецот, а по последните преговори беше договорена клаузула според која следното лето може да го врати за 80 милиони евра. Иако повеќе нема сопственички удел во неговиот договор, раководството на Кралевите верува дека оваа опција вреди да се искористи, особено ако се има предвид колку порасна неговата пазарна вредност.
Нико Паз минатата сезона постигна 12 гола во Серија А, а во актуелната кампања веќе има шест погодоци и осум асистенции на 14 официјални натпревари. Особено импресивни се неговите настапи во Лигата на шампионите, каде што на четири средби запиша три гола и пет асистенции.
Одличната форма му донесе и сè поголема доверба во аргентинската репрезентација од селекторот Лионел Скалони. Паз постепено се наметнува како една од важните офанзивни опции на светскиот шампион, а на последниот настап, на 17 ноември, постигна два гола во убедливата победа од 7-0 против Костарика.
Со тоа неговиот репрезентативен биланс достигна шест гола, а Реал Мадрид сè посериозно размислува да го врати фудбалерот кој би можел да има значајна улога во иднината на клубот.
ноември 21, 2026


