Култура
„Четирите светлини на Новата година“ – нова детска книга која ги открива македонските убавини
Издавачката куќа „Матица македонска“ наскоро ќе ја објави книгата за деца „Четирите светлини на Новата година“ од авторот Иван Антоновски. Станува збор за новогодишна сказна, која преку фантастична авантура ги запознава најмладите со македонското природно, културно и историско наследство.
Главните ликови во приказната се девојчето Илина и балканскиот рис Риско, кои тргнуваат во потрага по четири изгубени светлини од кои зависи дали Новата година ќе го најде патот до секој дом. Нивната авантура се одвива низ повеќе македонски знаменитости, меѓу кои Кокино, Стоби, Плаошник во Охрид, Крушево, Пелистер и Галичица.
Преку приказната, децата имаат можност на поинаков и волшебен начин да се запознаат со македонското културно и природно наследство. Покрај приказната, изданието содржи и голема карта на Македонија, дванаесет мисии и креативни работилници, преку кои децата активно се вклучуваат во авантурата, откриваат скриени детали и создаваат сопствени содржини.
Посебност на книгата се и можноста за лична посвета, цртежи и записи, со што секој примерок може да прерасне во уникатен спомен од детството.
Од „Матица македонска“, која годинава одбележува 35 години постоење, велат дека со ова издание сакаат да ја поттикнат љубовта кон книгата и Македонија кај најмладите.
Книгата веќе е во печат, а достапна е и во претпродажба преку веб-страницата на издавачката куќа.
ноември 21, 2026


