Култура
Класичниот американски филм во фокусот на септемвриската програма на Кинотеката
Со филмот „Сведок“, на режисерот Митко Панов, на 1 септември почнува септемвриската програма на Кинотеката на Македонија, која соопшти дека програмата обединува дела од македонската продукција, филмови од поширокиот балкански простор, класици на светската кинематографија, неми и класични филмови, како и посебни програмски целини посветени на хрватскиот филм и на филмската и културната традиција.
„Сведок“ на Панов е драма во која потрагата по сведок на воени злосторства постепено се претвора во сложена приказна за вината, правдата, политичката меморија и границите на поделбата меѓу доброто и злото. Филмот, снимен на македонски, хрватски и ирски локации, отвора простор за преиспитување на едноставните историски и морални категории, особено во општествата што сè уште живеат со последиците од насилното минато.
Септемвриската програма се свртува кон класичниот американски филм со неколку значајни остварувања. „Надмудри го ѓаволот“ на Џон Хјустон, со Хамфри Богарт, Џенифер Џонс и Питер Лоре, е иронична и жанровски разиграна авантуристичка комедија, во која режисерот ги превртува конвенциите на авантуристичкиот филм и алчноста, измамата и човечката слабост ги претвора во црна комедија на апсурдот.
На програмата во септември се и насловите: „Саденли“ – политичкиот трилер на Луис Ален со Френк Синатра, кој, наведува Кинотеката, е „интересен пример за атмосферата на американската жанровска кинематографија од 50-тите години кога стравот, политичката параноја и насилството постепено стануваат дел од популарната филмска имагинација“.
– Посебно место има и „Ангелот и лошиот човек“ на Џејмс Едвард Грант, класичен вестерн со Џон Вејн, во кој мотивот на преобразбата станува основа за приказна за насилството, искупувањето и можноста човекот да избере поинаков живот. Традиционалниот вестерн овде добива и морална димензија спротивставувајќи ги културата на оружјето и логиката на одмаздата со идејата за ненасилство и човечка промена. Септември носи и посебна целина посветена на немиот и класичниот филм. Овие проекции се потсетување дека историјата на филмот е жива уметничка традиција, која и денес може да вибрира со својата естетика, јазик и радикалност – соопшти Кинотеката.
Во септември е предвидена и програмата Денови на хрватскиот филм, која отвора простор за претставување на хрватската кинематографија во нејзините историски, естетски и тематски пројави. Месецот ќе заврши со филмот „Човекот со златната рака“ на Ото Премингер за кој Кинотеката посочува дека е еден од значајните филмови на американскиот филмски модернизам од 50-тите години.
– Со својата смела тематизација на зависноста, социјалната маргинализација и човечката слабост филмот претставува дело што во своето време ги поместил границите на она што холивудскиот филм можел отворено да го прикаже. Воедно, визуелниот и графичкиот стил на Премингер останува еден од препознатливите примери за модернизацијата на американскиот филмски израз – информира Кинотеката во најавата за септемвриската програма.
август 25, 2026
