Connect with us

Култура

Емин Алпер: Филмот е многу влијателен начин да се претстават историјата, општеството и човечката психологија

Во суштина, мојата прва љубов беше филмот. Во мојата биографија филмот доаѓа пред мојот интерес за историјата – вели турскиот режисер, сценарист, актер и историчар Емин Алпер пред доаѓањето во Скопје како почесен гостин и лауреат на 11. интернационален филмски фестивал „Киненова“, кој ќе се одржува од 14 до 18 октомври.

Режисерот, кој годинава на Берлинскиот филмски фестивал (Берлинале) доби „Сребрена мечка“ (награда од големото жири) за неговиот филм „Спасение“ и кој во Скопје треба да ја прими престижната награда за особен придонес во светската филмска уметност, на прашањето на „Киненова“ зошто филм и што го фасцинира во оваа уметност како историчар, одговара дека уште од дете бил привлечен од раскажувањето приказни, а и сакал да ги раскажува.

– Додека бев во средно училиште, одлучив да бидам филмаџија бидејќи бев маѓепсан од филмовите што ги гледав. По моето дипломирање, пак, некако сепак одлучив дипломскиот труд да ми биде од областа на историјата. И тогаш се пронајдов себеси како историчар. Во мојот интелектуален и уметнички свет, во целата моја кариера, овие две дисциплини се надополнуваат. Мислам дека филмот е многу влијателен начин за да се претстават историјата, општеството и човечката психологија во исто време. Како историчар ме интересира начинот како луѓето се дефинирани со нивната историја и социјални околности. Филмот ми дозволува да ги истражувам овие процеси не само интелектуално, но исто така и емоционално и визуелно – вели лауреатот на „Киненова“.

Во неговата листа на омилени режисери се Кустурица, Фасбиндер, Висконти, Ханеке…

– Им се восхитувам на режисерите што може да ги спојат своите лични визии со длабоко разбирање на општеството и човечката психологија. Кустурица е режисерот што ме убеди дека треба да станам филмски автор, тој во себе носи исклучително чувство на енергија и апсурд. Во мојот подоцнежен прериод неговото влијание врз мене избледе. Фасбиндер и Висконти се многу моќни во портретирање на социјалните структури и релациите на класите. Ја сакам историската перспектива на Висконти и како ги портретира своите страсни карактери во историски и социјален контекст. Ханеке, пак, крајно прецизен го истражува насилството и отуѓеноста. Со нив ме спојуваат тоа што нивните филмови се и многу лични и политички во исто време – додава Алпер. 

На прашањето дали филмските уметници како интелектуалци треба да се социјално и политички ангажирани преку своите филмови, Алпер вели дека не мисли оти тоа треба да биде единствено правило што треба да важи за филмаџиите.

– Секој режисер, писател, сценарист, има свој начин на комуникација со реалноста и начин на справување преку уметноста. Но филмот неизбежно го рефлектира општеството во кое е создаден. Дури и кога филмскиот автор се обидува да ја избегне политиката, неговите напори може да имаат политички импликации. За мене е многу важно да останам сензибилен кон социјалната и политичката реалност околу нас. И особено ако живеете во земја како мојата, потребни се особени напори да ја избегнете политиката во своите дела. Барем јас така ја доживувам релацијата помеѓу уметноста и секојдневието – вели Алпер.

За режисерот од Турција, „Киненова“ посочува дека е филмски генијалец, смел и бунтовен маг на психолошката драма, кој во Македонија доаѓа во зенитот на својата слава откако пред само неколку месеци во Берлин „со својот најнов филм – ремек-делото ‘Спасение’ (Kurtuluş) – буквално ја покори филмска Европа“. 

Ad
Ad