Connect with us

Интервјуа

Мицкоски за „Брајтбарт“: Договор за нулта царини со САД, Брисел не предаде и излажа

Премиерот Христијан Мицкоски даде ексклузивно интервју за „Брајтбарт њуз“ дека Владата на неговата земја силно јгиподдржува владата и политиките на американскиот претседател Доналд Трамп во низа области, од надворешна политика до енергија, геополитика и многу други.

МИА интегрално го пренесува интервјуто на Мицкоски за „Брајтбарт њуз“

Мицкоски за „Брајтбарт њуз“ изјави дека неговата Влада официјално го поддржала Трамп уште и пред да биде повторно избран во 2024 пречекувајќи функционери поврзани со изборниот штаб на Трамп кон средината на 2024, а потоа била испратена и официјална делегација на инаугурацијата на Трамп на почетокот на 2025.

„Дури и пред да стане претседател на Соединетите Американски Држави, луѓе кои се дел од неговиот најблизок периметар нè посетија дури и за време на кампањата кога немаше многу европски нации што веруваа дека претседателот Трамп ќе стане претседател“, изјави Мицкоски во речиси едночасовното телефонско интервју минатата недела. „Бевме избрани како Влада во јуни 2024. Веднаш по самитот на НАТО во Вашингтон во јули 2024, тим од соработници на претседателот Трамп нè посети во Владата и во тоа време бевме единствената Влада што прими членови на тимот на претседателот Трамп. Меѓу нив беа секретарот за трговија, Хауард Лутник, Девин Нунес, поранешен член на Конгресот, и Крис Павловски, сопственик на „Рамбл“, кој има македонско потекло. Тие нè посетија во Владата, а ние пренесовме силна порака за поддршка на претседателот Трамп пред да стане претседател. Потоа, кога беше избран за претседател, бев поканет на инаугурацијата и делегација од македонската Влада го посети Вашингтон, па ја пренесовме нашата порака за поддршка и подготвеност за засилување на идната соработка. Практично, ние сме целосно усогласени со сите резолуции во Обединетите нации и повеќепати ги поддржавме во овие две години за прашањата поврзани со Иран, Венецуела, Куба и така натаму. Исто така, ние сме и во интензивна комуникација со амбасадорот Рик Гренел. Разговараме за идната потенцијална соработка во енергетиката со амбасадорката на САД во Грција, г-ѓа (Кимберли) Гилфојл. Разговараме за американскиот потенцијал за трговија со течен природен гас во регионот. Се трудиме да го промовираме економскиот интерес во регионот и го правиме тоа интензивно. Ние сме клучна точка на американските интереси на Балканот и силен столб на поддршка на американските интереси на Балканот. Безрезервно стоиме покрај нашите стратешки партнери и силно ги поддржуваме политиката на САД и претседателот Трамп“.

Мицкоски изјави дека поддршката на Трамп во неговата земја е многу висока, повисока од каде било во Европа, и дека со задоволство би го пречекал Трамп ако распоредот на американскиот претседател му дозволи да допатува.

„Имајќи предвид дека анкетите за претседателот Трамп се највисоки во мојата земја, македонските граѓани многу решително ја поддржуваат администрацијата на претседателот Трамп. Кога велам дека анкетите се највисоки, тоа е значајно затоа што ги следам анкетите и знам дека неговиот кредибилитет кај македонските граѓани е апсолутно огромен и безрезервно би сакал да го поканам“, изјави Мицкоски. „Многу би сакал да го пречекам на највисоко ниво. Ќе ужива во поддршката на македонските граѓани. Кога ќе има слободен термин во распоредот, ќе ни биде многу драго да го пречекаме, ако реши да го посети регионот. Како што кажав, за разлика од многу сојузници во Европа, ние сме земјата што ѝ даде безрезервна поддршка на администрацијата на претседателот Трамп уште многу поодамна, дури и пред официјално да стане претседател, кога немаше многу земји во Европа што веруваа дека ќе ја победи Камала Харис во претседателската трка“.

Северна Македонија беше и една од првите земји што склучи трговски договор со САД по пакетот царини за увоз што Трамп ги нарече „ден на ослободувањето“, а Мицкоски изјави дека се надева оти ќе бидат потпишани повеќе договори во наредните недели за време на неговата посета на САД за Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Се надева и дека ќе ја посети Белата куќа за да се сретне со Трамп или дека ќе се сретнат на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

„Да, преговаравме лани кога ги почнавме преговорите со администрацијата на претседателот Трамп и постигнавме компромис“, рече Мицкоски. „Воведовме нулта царинска стапка за увоз на производи од САД на територијата на мојата земја и обратно. Имаме и нулта царина за извоз на македонски производи во САД. Значи, имаме заеднички интереси и мислам дека набргу, веројатно сега за време на Генералното собрание на ОН, постои можност да имаме официјална средба, или во Белата куќа или каде било, за да го потпишеме овој билатерален договор меѓу двете земји. Па мислам дека ова ќе додаде вредност на односите меѓу двете земји“. 

Се надева и на уште поголема соработка меѓу САД и Северна Македонија во претстојните месеци.

„Бидејќи ќе присуствувам на Генералното собрание на Обединетите нации, можеби ќе биде добра можност да го потпишеме билатералниот договор или во Белата куќа или во Стејт департментот, каде и да е подобро“, рече Мицкоски. „За нас е многу важен, а мислам дека и за САД е многу важен затоа што со зајакнувањето на економската соработка ќе се зајакне и билатералната соработка, иако нашата билатерална соработка е на највисоко ниво досега, историски гледано. Но, со потпишувањето на билатералниот договор, сè ќе биде полесно за двете земји. САД имаат многу силен сојузник на Балканот. Знам дека многу го ценат она што го правиме за нашето партнерство, но со билатералниот договор уште повеќе ќе го зајакнеме нашето партнерство за да ни биде многу поизводлива економската соработка во иднина. Така ќе им овозможиме на американските извозници и инвеститори да имаат многу поамбициозна и многу позначајна улога не само на Балканот туку и во Европа воопшто“.

И Гренел и Гилфојл, високи функционери на Трамп, зборуваа пофално за Мицкоски пред интервјуто за „Брајтбарт њуз“, а и Мицкоски зборуваше пофално за нив. Мицкоски јасно стави до знаење дека Северна Македонија многу ги поддржува Трамп и САД по клучни прашања, дури и кога е политички неповолно – како кога гласаше идентично со САД во Обединетите нации. 

„Кога на Америка ѝ беа потребни сојузници за да заземат позиции, мојата земја не се криеше во толпата, што е многу важно“, изјави Мицкоски за „Брајтбарт њуз“. „Многу бргу, јасно и доследно застанавме на страната на САД, дури и кога тоа има политичка цена. За нас тоа беше многу важно бидејќи пријателите се тие кога некои други не се толку посветени пријатели колку што се преправаат дека се, во некои мирни времиња. Значи, кога на претседателот Трамп му беше потребна нашата поддршка во декларациите за гласање во Обединетите нации, кои се засноваат на интересите на администрацијата на претседателот Трамп, ја дадовме нашата несомнена поддршка без никакви резерви за разлика од некои други засегнати страни. Значи, тоа беше јасна порака за поддршка и ќе продолжиме да го правиме тоа и во иднина“.

Македонците не даваат поддршка само во бирократските институции. Авиони на воздухопловните сили на САД ги користат аеродромите на Северна Македонија – во срцето на Балканот во Источна Европа – како стратешка локација во близина на Блискиот Исток. Мицкоски за „Брајтбарт њуз“ изјави дека се гордее што им дава поддршка на САД во војната со Иран.

„Американските воздухопловни сили ги користат нашите аеродроми, па секој ден авиони на Американските воздухопловни сили слетуваат и полетуваат од нашите аеродроми“, изјави Мицкоски. „Некои од нив ги користат нашите аеродроми за паркирање, за мал одмор, пред да се вратат во Заливот. Имаме отворено небо за американски воени авиони и се гордееме што сме на располагање да им обезбедиме таква поддршка на Американските воздухопловни сили“.

Северна Македонија е северно од Грција и јужно од Србија, точно во срцето на Балканот – се граничи со Албанија на запад и со Бугарија на исток.

Мицкоски вели дека неговата нација е сместена на првата линија на невидливо бојно поле во новата економска војна меѓу Западот – САД и Европа – и Далечниот Исток, во Кина.

„Ќе се обидам малку да ја опишам геостратешката положба на мојата земја, која, за жал, е земја без излез на море – што може да се смета за мал недостаток“, рече Мицкоски. „Ние сме оддалечени неколку десетици километри од морето, но, за жал, не излегуваме на море од пред некое време. Сепак, ние сме раскрсница на два многу важни паневропски коридори, но не само паневропски. Тие се важни и за светот. Зборувам за Коридорот 8 и за Коридорот 10. Која е целта на двата коридори? Коридорот 8 ги поврзува Јадранското и Јонското Море со Црното Море, а Коридорот 10 ги поврзува Средоземното и Егејското Море со Централна Европа. Коридорот 8 е многу важен поради фактот што веднаш штом ќе заврши војната во Украина и кога ќе почне обновата на Украина, тој ќе биде многу важен за синџирот на снабдување и ќе придонесе тој да биде пократок, а трошоците за испорака многу пониски. А Коридорот 10 го поврзува Медитеранот, односно Егејското Море со земјите од Централна Европа, како Унгарија, Австрија и така натаму. Практично, ние сме, хипотетички кажано, на првата линија на ова невидливо бојно поле. Кога велам невидливо бојно поле, мислам на кинескиот интерес во овој дел од Европа, на европските интереси на нивната сопствена почва и на американските интереси. Зошто сме на првата линија на невидливото бојно поле? Бидејќи сега сè што доаѓа од Исток, сите суровини, сите производи, се користи во две пристаништа во Европа, пристаништата во Ротердам и Хамбург. Кина купи две пристаништа во Грција: пристаништето Пиреја, а има акции и во пристаништето во Солун. Пристаништето Пиреја е во целосна сопственост на Кина. Практично го прошируваат капацитетот на пристаништето. Зошто? Бидејќи ќе им треба. Сакаат да го користат пристаништето Пиреја за пристаниште на бродови и да го поврзат со Централна Европа, што ќе го направи синџирот на снабдување пократок за 18-22 дена. Можете да замислите што значат 18-22 дена денеска во однос на трошоците и во однос на зголемувањето на конкурентноста и зголемувањето на просторот за маневрирање и намалувањето на цената“.

Македонците и официјално јасно му ставија до знаење на светот дека се на страната на САД, а се обидуваат да добијат и влез – веќе подолго време – во Европската Унија. Мицкоски предупредува на сѐ посилното влијание на Кина во регионот, особено преку нејзините напори да купи и финансира пристаништа во Грција – особено пристаништето Пиреја. Како што претходно објави „Брајтбарт њуз“, кинескиот претседател Шји Џјинпинг го посети пристаништето Пиреја во Грција, веднаш надвор од Атина, и го нарече змејска глава на Кина во Европа. Грчкиот министер за здравство Адонис Георгиадис и Гилфојл, амбасадорот на САД во Грција, зборуваа во интервјуа за таа сторија, во кои објаснија како САД одговориле со финансирање свое пристаниште во Грција, но Мицкоски предупредува дека долгорочните цели на Кинезите се да ги преплават пазарите на западните земји со компании контролирани од Кинеската комунистичка партија. Тој како пример го наведе растот на кинескиот производител на електрични автомобили „Би-вај-ди“ во Унгарија.

„Кина ќе го користи пристаништето Пиреја за извоз на производи и суровини и за нивно распоредување во Централна Европа, на пример, „Би-вај-ди“, изјави Мицкоски за „Брајтбарт њуз“. „Не знам дали ги имате овие информации. „Би-вај-ди“ пушти во употреба производствен погон во Унгарија вреден 10 милијарди долари и буквално сега „Би-вај-ди“ ја потиснува конкуренцијата кога зборуваме за електрични возила на европскиот пазар. Значи, продавачот број еден на европскиот пазар сега е „Би-вај-ди“. Замислете што ќе се случи во иднина ако дозволиме Кина да ја поврзе Пиреја со Централна Европа. Буквално ќе ја потиснат конкуренцијата од европскиот пазар и ќе доминираат и ќе го освојат европскиот пазар. Значи, единствената загатка што недостига во мозаикот е територијата на мојата земја. Зошто? Бидејќи се гради брза железница, што ја поврзува Будимпешта преку Белград со северната граница на мојата земја со Србија, и една важна брза железница во Грција, па единствениот дел што недостига во мозаикот е делот што поминува на територијата на мојата земја поврзувајќи ја северната граница со Србија и јужната граница со Грција. Затоа велам дека сме на првата линија на невидливо економско бојно поле“.

Северна Македонија не сака непријателство со Кина и ја почитува политиката на Кина за една Кина, но Мицкоски објасни дека приоритетите на неговата земја се соработка со САД за унапредување на слободата во светски рамки.

„Безрезервно го почитуваме принципот на една Кина, но, во меѓувреме, наш стратешки партнер се САД заедно со нашите сојузници во НАТО и со нашите партнери во ЕУ“, изјави Мицкоски. „Но, наш најголем приоритет се односите со нашиот стратешки партнер САД и актуелната администрација на претседателот Трамп. Тоа е нашата насока пред нас и ќе продолжиме во оваа насока напред и во иднина“.

Северна Македонија со години се обидува и да се зачлени во Европската Унија и се соочува со проблеми поради спорови со Грција и Бугарија, а францускиот претседател Емануел Макрон дури и стави вето на нејзиното членство во еден момент. Мицкоски рече дека „втората пресвртница за мојата земја“ по соработката со САД како прв приоритет „е да биде дел од ЕУ“.

„Да се ​​биде дел од ЕУ е добро за мојата земја и за граѓаните на мојата земја од многу причини. Зошто? Бидејќи зборуваме за зголемување на безбедноста и зголемување на отпорноста на регионот во целина“, изјави Мицкоски. „Нашиот пат почна пред две и пол децении. Беше 2000 кога потпишавме договор за стабилизација и асоцијација со Европската Унија. Потоа, заедно со Хрватска во 2005, официјално станавме земји кандидатки за членство во ЕУ. Во 2008 од Европската комисија го добивме првиот позитивен извештај за почнување на преговорите, но, за жал, тогаш почнаа нашите пречки и предизвици. Првин беше спорот за името со нашиот јужен сосед Грција, а сега имаме спор со нашиот источен сосед Бугарија, и сите тие спорови се некако поврзани со нашиот идентитет. Не знам дали ги знаевте тие информации, но се соочуваме со многу предизвици откако станавме независна држава од поранешна Југославија. Ако се вратиме пред три и пол децении, морам да истакнам неколку многу важни информации. Го сменивме нашето знаме. Ја сменивме нашата валута. Во меѓувреме, го сменивме нашиот Устав двапати и, конечно, го сменивме нашето уставно име. Според многу, би рекол, бирократи од Брисел и од целиот свет, тоа требаше да биде последното нешто што го направивме. Но, за жал, нè предадоа и нè излажаа. Веднаш по промената на нашиот Устав, францускиот претседател Макрон стави вето. Тој побара промена на методологијата на преговорите, а кога беше донесена нова методологија за преговори, тогаш, за жал, нашиот источен сосед се појави на сцената и побара од нас да го промениме нашиот Устав. Сега сме во многу, би рекол, критична ситуација и многу смешна ситуација. Во една мултилатерална организација ние сме сојузници со Бугарија, со нашиот источен сосед. Зборувам за НАТО. А во друга мултилатерална организација, Европската Унија, ги имаме истите сојузници од НАТО, кои ни наметнуваат ограничувања и наметнуваат вето, што не е многу, би рекол, пријателски гест. Тоа се двојни стандарди и владеење на едногласност во самата ЕУ. Тие не може да разберат дека нашето членство во ЕУ е стратешко за НАТО. Како што реков, од многу причини, меѓу кои се отпорноста и безбедноста. Значи, тие ги ослабуваат јужното и источниот крило на НАТО со тоа што нè ограничуваат да станеме дел од ЕУ бидејќи колку е економски многу посилна мојата земја, толку е поотпорно источнато крило на НАТО – и ќе можеме многу побргу да ги модернизираме нашите вооружени сили и да инвестираме повеќе во коридорите, кои се важни за логистичките цели на НАТО. Значи, има многу причини зашто треба да бидеме дел од ЕУ и ова е уште една причина САД и администрацијата на претседателот Трамп да нè поддржат на овој начин“.

Северна Македонија оваа година потпиша стратешки дијалог со САД, а Мицкоски се надева дека ова ќе се прошири понатаму во уште поконкретна економска соработка меѓу двете земји.

 „Сакаме стратешкиот дијалог да го претвориме во сегашната дипломатија во стилот на Трамп, со помалку бирократски процеси и поконкретни резултати во безбедноста, енергетската технологија и инфраструктурата, трговијата и инвестициите“, рече Мицкоски. „Ова е наша пресвртница и потпишавме многу меморандуми за разбирање. Мислам дека има голем напредок. Американската меѓународна финансиска корпорација за развој финансира еден многу важен проект за рудник. Веројатно имаме најголемо складиште на антимон. Има голема австралиска и канадска инвестиција во земјата, а САД финансиски ја поддржуваат таквата инвестиција. Значи, практично, ќе ископаме антимон во мојата земја и ќе го распоредиме тој критичен минерал во САД. Подоцна, САД ќе го користат овој критичен минерал за производство на воена опрема. Значи, имаме многу, многу, многу силни врски создадени со стратешкиот дијалог“.

Исто така, Северна Македонија, рече Мицкоски, многу ги поддржува напорите на Трамп да ги натера сојузниците од НАТО да трошат повеќе за нивната национална одбрана. Изјави дека Северна Македонија веќе издвојува повеќе од 2 проценти од својот БДП за трошоци за одбрана, со план да достигне и до 3,5 проценти – со дополнителни 1,5 процент од БДП трошење за критични инфраструктурни проекти што ќе ги користат силите на НАТО.

 „Да, апсолутно сте во право, ние сме во првата половина од групата“, рече Мицкоски мислејќи на поголемиот дел од Европа, кој веќе троши повеќе за одбрана, наспроти малото малцинство што не троши. „Сега сме над прагот од 2 проценти кога станува збор за одбранбени трошоци. Мислам дека сме во првата половина од групата и подготвивме сценарио за тоа како да достигнеме 3,5 проценти до 2032 година. Покрај тоа, имаме 1,5 процент од нашите БДП-инвестиции во нашата критична инфраструктура, која ќе ја користат јужните и источните крила на НАТО. Практично, ова е точната идеја на претседателот Трамп: 5 проценти вкупно, 3,5 проценти воени, типично воени трошоци, и 1,5 процент инвестиции и трошоци во критична инфраструктура, која ќе ја користат силите на НАТО, како што се железници и автопати и така натаму. Значи, ние сме целосно усогласени со оваа идеја на претседателот Трамп и силно ја поддржуваме оваа идеја“.

Мицкоски рече дека многу се гордее на говорите што потпретседателот Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио ги одржаа пред Европејците на почетокот на минатата и почетокот на оваа година. Се осврна и на говорот што го одржа и министерот за трговија Хауард Лутник со слични предупредувања за Европа. Мицкоски рече дека можеби бил единствениот европски лидер што аплаудирал за говорот на Венс на Минхенската безбедносна конференција.

 „Бев во просторијата за време на двата говори, но и за неофицијалниот говор на Хауард Лутник, секретарот за трговија, за време на официјалната вечера на Светскиот бизнис-форум во Давос оваа година. Двајцата имаа слични говори пренесени со поинаков тон, но повеќе или помалку пораките беа исти“, рече Мицкоски. „Да почнам од говорот на потпретседателот Венс на Минхенската безбедносна конференција на почетокот на 2025 година. Значи, според моето скромно мислење, не му ласкам. Но, мислам дека тоа беше многу суверен и многу директен говор со многу искрени пораки, вистински пораки за креирање политики и многу реалистични пораки. Апсолутно, во право сте – веројатно, јас бев единствената личност во просторијата што аплаудира и се обидуваше да ги поддржи пораките што ги пренесе за време на својот говор и цврсто верувам дека таков вид суверен говор е иднината на човештвото. Во спротивно, ќе го изгубиме нашиот идентитет, но и кредибилитет, што е нешто спротивно на нашиот процес на креирање политики и, веројатно, спротивно на процесот на креирање политики на САД и претседателот Трамп. Повеќе или помалку истата реторика беше искажана оваа година од Рубио, но, како што рековте, со поинаков тон, а можеби и ситуацијата меѓу европските сојузници е малку променета. Сега, според моето скромно мислење, мислам дека пораките што доаѓаат од другата страна на океанот се сфаќаат многу посериозно и мислам дека нашите сојузници во Европа се обидуваат да остварат поблиски врски со администрацијата на претседателот Трамп во денешно време бидејќи, да бидам искрен, вооружените сили на САД и администрацијата на претседателот Трамп го обезбедуваат безбедносниот чадор за нашиот континент. Мислам дека не можете да играте двојни игри и не можете да имате двојни стандарди. Или сте лажго или не. Ова не е шведска маса за појадок. Би сакал ова да јадам, она да јадам, не она, не ми се допаѓа ова, би сакал она. Ова е процес. Или сме сите заедно или сме сами. Тоа е како синџир. Синџирот е толку цврст и силен колку што е силна најслабата алка од синџирот. Значи, ако една алка од синџирот е уништена, тогаш веројатно синџирот веќе нема да постои. Ова е начинот на кој, според мене, нашите сојузници во Европа размислуваат во овој момент, па затоа мора да бидеме заедно и мора да останеме заедно со администрацијата на претседателот Трамп бидејќи, како што реков, администрацијата на претседателот Трамп дава многу причини да ја поддржиме оваа администрација. За нас, ова е неизбежен процес како земја, но мислам дека и повеќето од нашите европски сојузници сметаат дека ова е неизбежен процес“.

Северна Македонија исто така ќе биде огромен дел од таканаречениот вертикален коридор, кој ќе испорачува американски течен природен гас од Грција преку цевководи во Централна Европа и Украина. Мицкоски рече дека постојат повеќе интерконектори што неговата земја моментно ги гради на својата јужна граница со Грција и на својата северна граница со Србија за да помогне во брзото одвивање на проектот.

 „Сега градиме интерконектори што ќе ја поврзат мојата земја со југот, во Грција, и практично тој гасовод ќе скокне до терминалот за течен природен гас во Александрополис“, рече Мицкоски. „Имаме четири резервирани места на терминалот за течен природен гас во Александрополис. Значи, во овој интерконектор, овој гасовод, овој терминал во Александрополис ќе стане поефикасен, но тоа нема да биде доволно. Затоа инвестираме во северниот интерконекторски гасовод што ќе го поврзе нашиот национален гасовод со српскиот национален гасовод. Во таа смисла, Александрополис – од Грција до Македонија и Србија, низ цела Централна Европа, до Унгарија и до Австрија. Капацитетот на гасоводот е помеѓу три и шест милијарди кубни метри годишно, што ќе го направи овој гасовод вистинска, опиплива конкуренција на руските средства во регионот. Значи, ова е единствениот проект што е конкурент на руските средства во регионот за транзит и ова е проектот што би можел да ги оствари амбициите на администрацијата на претседателот Трамп за извоз на течен природен гас преку терминалот во Александрополис до Централна Европа, а ние развиваме северен интерконектор со сопствени финансиски средства од нашиот буџет. Но, кога станува збор за јужниот интерконектор, користиме европско финансирање. На почетокот на 2028, ако сè оди според планот што го предвидовме, ќе го поврземе терминалот во Александрополис со Централна Европа“.

Мицкоски исто така се обидува да изгради повеќе хидроцентрали за да помогне во производство на многу електрична енергија и да го подобри протокот на вода во Северна Македонија.

 „Овие две хидроцентрали се многу важни за сите нас, но не само за земјата и не само за производство на електрична енергија“, рече тој. „Имајќи ги предвид климатските промени и глобалното затоплување, мислам дека на регионот ќе му бидат потребни дополнителни два поддржувачи на резервоари. Мојата земја има прекрасна перспектива и ова е прекрасна, неверојатна средина за развој на ваков вид хидроцентрали со високи брани, со голем инсталиран капацитет, и ова е единствената причина зошто би сакале да ги развиеме тие две хидроцентрали, првин за да обезбедиме снабдување со вода за регионот, а потоа за наводнување, а потоа како трет приоритет производство на електрична енергија – иако зборуваме за еден терават-час електрична енергија годишно, што е супер голема количина електрична енергија за големината на земја како нашата. Ова е суперголема количина електрична енергија“.

Дополнителната електрична енергија, рече тој, ќе ѝ помогне на Северна Македонија да изгради центри за податоци за да ја искористи моќта на вештачката интелигенција и во моментот одржува состаноци со извршниот директор на „Рамбл“ – водечката платформа за видеостриминг – Крис Павловски, чии предци се Македонци, за да разговараат за нивна изградба во неговата земја.

„Сега сите зборуваат за вештачка интелигенција, а вештачка интелигенција без центри за податоци – не можете да управувате со центри за податоци без одржливо снабдување со електрична енергија“, изјави Мицкоски. „Ова е единствениот начин на кој можеме да управуваме со центри за податоци и да работиме на вештачката интелигенција. Крис инвестира многу со своите партнери во Европа. Знам дека купија една голема компанија во Германија и бидејќи има супер големи патриотски чувства кон земјата, од каде што потекнува неговото семејство, сака да инвестира во Македонија. Ќе се сретнам со него овој викенд за да разговараме повеќе за неговите потенцијални инвестиции и инвестициите на неговите колеги во центрите за податоци и што можеме да обезбедиме за нив. Кога станува збор за тие две хидроцентрали, зборуваме за проект во износ од 1,5 милијарда долари, а кога станува збор за центрите за податоци, зборуваме за целосна американска инвестиција и ќе ги стимулираме на сите можни начини за да ја направат таа инвестиција остварлива во иднина“.