Интервјуа
Јаневска: Инвестираме во иднината и во квалитетно образование на младите, длабоко сум убедена дека по некоја година и ќе го видиме ефектот
На сите универзитети соодветно се намалени квотите за упис на студенти во прва година бидејќи пазарот на труд е заситен со одредени струки и има невработени, за разлика од други струки каде што вработливоста е многу висока, па некаде се јавува и недостиг.
Во пресрет на уписите на универзитетите, министерката Весна Јаневска во интервју за МИА вели дека оваа година на сите универзитети има намалено околу 2000 места, но уверена е, вели, дека сите студенти ќе си го најдат своето место таму каде што сакаат да студираат.
-Повеќе намаливме во струките бизнис-администрација, јавна администрација, нешто на Економски, на Правен, бидеќи таму се појавува поголем број на невработени, во медицинските струки. За разлика од тоа, останаа речиси идентични техничките струки, информатиката, машинството, градежништвото, таму е вработливоста на одлично ниво и достигнува некаде до 98-99 проценти, изјави Јаневска.
Очекува дека на крајот на месецов ќе продолжи дискусијата за трите закони за високо образование и наука, кои во Собранието се блокирани од албанскиот опозициски блок, кој инсистира на Бадентеров принцип при нивното носење.
-Сметам дека ќе надвладее разумот и дека Собранието ќе собере сили да ги надмине политичките прашања, односно да не бидат овие три закони прашања со кои ќе се решава некое друго прашање. Не смее во решавањето на други прашања да се вметнува и образованието. Особено затоа што ние, навистина, малку доцниме и немаме време да вметнуваме и да се расправаме политички за нешто што е толку многу значајно. Јас сум длабоко убедена дека ќе надвладее разумот затоа што тоа е во корист на сите млади во земјава, истакнува Јаневска.
Првите два темелно реконструирани студентски дома – „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ од оваа академска година ќе почнат да примаат студенти. Сместувањето во „Стив“ ќе биде од 1 октомври и тој е влезен во конкурсот, а „Кузман“ ќе ги отвори вратите подоцна, веројатно од 1 ноември, и конкурсот ќе биде дополнително објавен.
Ќе следува втората и третата фаза од етапната реконструкција на студентските домови низ државата и за сите реновирани домови сместувањето ќе биде по нова цена. Сега тоа ќе важи само за домот „Стив Наумов“ каде што износот од сегашните 3.500 денари е зголемен на 6.600 денари.
-Државата повторно ќе партиципира повеќе од студентите, што е во ред и е наша политика, но измени ќе мора да се направат. За малата партиципација имавме забелешки и од Државниот завод за ревизија, каде што се побара да се разгледа повторно прашањето за учеството и на студентите и на државата. Ова прашање е долготрајно, 20 години овој проблем не е решен. Зошто четворица министри пред мене во последните седум години не се зафатиле да го решаваат проблемот, јас не би знаела да кажам, но овој моментален модел не е добар и е неиздржлив, додаде министерката.
Во интервјуто таа вели дека дистрибуцијата на учебниците во училиштата веќе завршува и ќе нема недостиг за учебната 2026/2027 година, а училиштата што навреме не пријавиле потребно количество ќе треба самите да обезбедат учебници зашто МОН испорачува според нарачаното.
За над 4000 првачиња запишани помалку од лани, Јаневска рече дека бројот не е конечен, ќе биде помал до крајот на септември и се должи најмногу на неажурноста на родителите, кои не ги запишале своите деца, и на раководствата на училиштата кои не ги завеле во Е-дневникот.
-Уписот треба да е завршен, но искуството кажува дека многу години наназад одреден број ученици се запишуваат на крајот на август, значи очекуваме да почне тој упис за околу 10 дена, и да се движи до крајот на септември, вели министерката Весна Јаневска во интервјуто.
Оваа недела претстои пријавување за упис на факултетите. Како се креирани конкурсите, дали квотите се усогласени со пазарот на труд, затоа што некои професии стануваат дефицитарни, а за други се намалуваат потребите?
– Пред да ја донесе Министерството одлуката како ќе се однесува кон квотите побаравме анализа од Агенцијата за вработување, секторот секако прави анализа, лани побаравме и надворешни анализи за да видиме што се случува на пазарот на трудот. Според тоа намаливме квоти на сите универзитети, соодветно, процентуално, со оглед на тоа дека навистина пазарот на труд е заситен со одредени струки и тие луѓе се невработени. За разлика од тоа, вработливоста во други струки е многу висока, па некаде се јавува и недостиг.
Без оглед на намалувањето на квотите и лани, а јас очекувам и оваа година, да има непополнети места, затоа што универзитетите, односно факултетите, ги објавуваат квотите според акредитацијата којашто ја добиле, и тоа се високи бројки, и на одредени факултети дел од нив навистина секогаш остануваат непополнети. Оваа година на сите универзитети имаме намалено околу 2000 места, но јас сум длабоко убедена дека сите студенти ќе си го најдат своето место таму каде што сакаат.
Во однос на струките, на пример, повеќе намаливме во струките бизнис-администрација, јавна администрација, нешто на Економски, на Правен, бидеќи таму се појавува одреден поголем број на невработени, во медицинските струки. За разлика од тоа, останаа речиси идентични техничките струки, информатиката, машинството, градежништвото, таму е вработливоста на одлично ниво и достигнува некаде до 98-99 проценти.
Ќе мора сите ние, целиот образовен систем да се приспособува на новите потреби и факултетите ќе си акредитираат нови програми. Тоа е процес кој веќе се одвива затоа што во иднина очекуваме потреба од нови струки кои досега не сме ги имале. Некои од факултетите си ги согледале потребите и веќе се адаптираат на промените.
Промени што ќе го унапредат високото образование се предвидени во трите закони кои имаат многу клучни новини. МОН зимата организираше дебати со академската заедница, беа направени отстапки и компромиси, но сега гледаме дека пакетот закони заглави во Собранието. Што очекувате од оваа, да речам, битка меѓу образованието и политиката?
– Ви благодарам на прашањето, мислам дека не можевте поточно да го формулирате затоа што навистина имам впечаток дека станува збор баш за битка помеѓу образованието и политиката.
Многу години наназад образованието било поле каде што се судрувале политички копја, но откога јас сум министер постојано повторувам и јасно дадов на знаење дека политиката мора да ги тргне рацете од образованието, затоа што, не е тоа флоскула туку реалност – образованието е еден од најсилните столбови на државата и е потребно во сите ресори. Целиот хуман капитал кој го има државата потекнува од образовниот систем.
Да, законите се во собраниска процедура и не можеше да продолжи првата јавна расправа за сите три закони, затоа што, на некој начин, расправата беше блокирана за на крај да се договориме, всушност Собранието да одлучи дека ќе продолжи кон крајот на август. Проблемот е што за сите закони во образованието има потреба од Бадентер, што некогаш се користело како позитивна алатка за зачувување на правата на помалите етнички заедници во државата. Но факт е, ние имаме сигурни докази и статистика дека понекогаш оваа алатка е неправилно користена, па дури и злоупотребувана.
Оттука, јас би сакала само да кажам дека овие три закони се закони кои треба да донесат добробит на нашите млади, на студентите, на сите студенти, од сите етникуми и од сите политички партии. Па ако зборуваме за Бадентер, зборуваме за, да речеме, партии во кои членуваат повеќето Албанци, станува збор и за нивните деца. Иако сите деца се наши, нема ваши, наши, ова е една единствена држава и е во корист на сите наши студенти, без оглед на која струка се, на кој факултет и на кој универзитет.
Притоа, во законот има само подобрување на квалитетот – на наставниот кадар, на условите за учење, можностите кои ќе ги добијат студентите, можностите кои ќе ги добијат наставниците. Иако, нели, имаше многу дискусии во однос на критериумите за избор, сè е тоа надминато оти имавме толку широка и долготрајна расправа, и на ЕНЕР, и писмена и усна, што сметам дека поголемиот број од академската заедница навистина ги прифаќа законите. Секогаш има луѓе кои ќе најдат некаква мана.
Оттука сметам дека ќе надвладее разумот и дека Собранието ќе собере сили да ги надмине политичките прашања, односно да не бидат овие три закони прашања со кои ќе се решава некое друго прашање. Сите прашања треба да ги реши државата, на полесен, можеби и на потежок начин, но не смее во решавањето на други прашања да се вметнува и образованието. Особено затоа што ние, навистина, малку доцниме и немаме време да вметнуваме и да се расправаме политички за нешто што е толку многу значајно. Јас сум длабоко убедена дека ќе надвладее разумот затоа што, повторувам, во корист е на сите млади во земјава.
По повеќе од две години, ќе бидат отворени модерните објекти на два студентски дома во Скопје – „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“. Дали ќе имаат промени во капацитетот за сместување и кои домови се следни за темелна реконструкција од етапниот план на МОН?
– Во три фази се реновираат студентските домови, со тоа што втората и третата фаза некаде ќе се преклопат затоа што сметаме дека така треба. Во првата фаза се реновираа студентскиот дом „Кузман“ и „Стив Наумов“. Студентскиот дом „Стив Наумов“ веќе е ставен во конкурсот за сместување на студентите, што значи тој ќе почне на 1 октомври да прима студенти. „Кузман“ сè уште не сме го ставиле во конкурс, но може да го додадеме, затоа што таму има малку повеќе работа и, така како што кажува градежната компанија, тој би требало да биде готов, градежно завршен, до крајот на септември. Но, не можеме да ги пуштиме студентите од 1 октомври затоа што имаме административна работа за добивање на употребна дозвола. Тоа би требало да трае околу еден месец, односно до 1 ноември. Бидејќи не сме сигурни дека сево ова ќе го завршиме во овој рок, ние ќе го објавиме конкурсот тогаш кога ќе биде завршена целата работа. „Стив Наумов“ е ставен во конкурс и сигурно ќе прима студенти.
Во вториот лот ги имаме студентските домови во Охрид, Прилеп, Штип и тука веќе евалуацијата за градежната компанија која ќе ги изведува овие реконструкции е при крај, а во третиот лот ги имаме „Сениќ“, „Пелагонија“, домот во Битола и кујната во студентскиот дом „Гоце Делчев“.
Многу бргу планираме да ги распишеме и тендерите за третиот лот, за вториот реков дека евалуацијата е при крај, веднаш и третиот, и во еден одреден период реконструкцијата ќе се поклопи во двете фази, сè со цел што е можно побрзо да ги добиеме реновирани сите студентски домови во Македонија, односно да им обезбедиме соодветни услови на студентите – и за живот, и за исхрана, и, секако, за нивната работа – учењето и посветеноста на нивните студии.
Капацитетот на домовите ќе биде малку намален, во зависност од можностите на самиот дом, затоа што ги правиме по европски стандарди и тие навистина ќе бидат меѓу најмодерните домови во Европа. Но, и покрај намалениот капацитет, ќе има сместување за сите студенти кои имаат право да бидат сместени во домовите.
Предложени се законски измени со кои се заоструваат правилата за куќен ред и е ограничена возраста до кога може некој да се всели во студентски дом. Дали покрај ова и директорите на домовите ќе добијат поголеми задолженија за добро управување?
– Вобичаено секаде постои некаков куќен ред, и во високоразвиените земји од Европската Унија, па и кај нас, за одржување на она што е општествена сопственост или добро, таму каде што државата многу партиципира.
Ние вложуваме огромни средства во реконструкција на домовите. Обезбедени се некаде околу 86 милиони евра за девет домови и седум училишта со ресурсни центри, дел се кредит, дел се голем грант од околу 22 милиони евра, и оттука сметаме дека она што студентите ќе го добијат од државата, треба да го чуваат. Тие треба да возвратат со учење, но условите каде што ќе учат треба да ги чуваат.
Куќни редови постоеле и претходно, и сега ги зајакнуваме, велиме дека студенти постари од 30 години нема да може да ги користат домовите, што е сосема во ред, затоа што видовме злоупотреба во одредени домови. Ги зајакнуваме малку и мерките на пристојно однесување во домовите. И досега имало забрана за употреба на алкохол, психотропни супстанции, несодветно, агресивно однесување, сега мерката е дека ако се утврди такво некакво однесување ќе се забрани престој во домот. Досега беше една година, во зависност од тежината на прекршокот, сега од една до пет години, или забрана за престој во студентски дом на целата територија на државата. Тоа е нешто што треба да ги стимулира студентите да ги чуваат просториите каде што ќе живеат, затоа што доаѓаат нови генерации кои, исто така, ќе треба да ги користат.
Во однос на директорите, можам да кажам дека имаме директори кои навистина одлично си ја вршат својата работа, но има директори кои не се однесувале во минатото домаќински и ние на тоа направивме ревизија и бараме од сите сегашни директори да се однесуваат крајно домаќински и да управуваат соодветно со законите.
Точно е дека речиси сите наши домови, со исклучок на два или три, се во некакви долгови, но тоа се должи првенствено на лошото работење на одреден број од раководството и, дополнително, на малата партиципација на студентите и на државата, за што имавме забелешки и од Државниот завод за ревизија, каде што се побара да се разгледа повторно прашањето за учеството и на студентите и на државата во партиципацијата за одржување на домовите и исхраната на студентите. Ова прашање е долготрајно, 20 години овој проблем не е решен. Зошто четворица министри пред мене во последните седум години не се зафатиле да го решаваат проблемот, јас не би знаела да кажам, но овој моментален модел не е добар и е неиздржлив.
Оттука, во сите реновирани домови студентите ќе партиципираат со зголемена сума на средства, државата ќе ги преземе платите на вработените. Досега платите на вработените беа од партиципацијата што ја дава државата и студентите. Откако ќе остане државната партиципација и платите, државата повторно ќе партиципира повеќе од студентите, што е во ред и е наша политика, но тие измени ќе мора да се направат. Сега тоа ќе важи само за домот „Стив Наумов“. Досега износот беше 3.500 денари, сега ќе биде 6.600 денари.
За две недели почнува учебната година, дистрибуцијата на учебници во училиштата завршува. Изјавивте дека ќе нема проблеми со недостиг – дали тоа значи дека оваа учебна година раководствата на некои училишта беа поажурни од лани за да пријават количество на учебници што им е потребно и за замена на оштетените?
– Со задоволство можам да кажам дека во претходните две години успеавме да воспоставиме стабилен систем на обезбедување и дистрибуција на учебниците и точно го лоциравте проблемот. Проблемите во минатите две години на недостиг или на употреба на веќе многу оштетени учебници беше само резултат на тоа што училиштата нарачаа несоодветен број на учебници.
По одржани три онлајн советувања или едукации, се надевам дека оваа година тој проблем ќе биде надминат. Доколку и се појави учебник кој не е соодветен за употреба, одговорноста навистина ќе биде само на училиштето, затоа што јас сите овие три години кажувам дека МОН ни случајно не може да знае колку учебници се оштетени и колку учебници треба да се заменат ако училиштата не го пријават тоа во системот. Системот е електронски и има докази за тоа што е побарано и што е испорачано.
Затоа и инсистиравме – и директорите на училиштата, но и одговорните за учебници, тоа вообичаено е библиотекарот или некој наставник, да си ја сработат добро работата. Дека има огромен напредок, имаме доказ со тоа што во изминатите 10 години сме имале само по 10-ина уплатници годишно за оштетени учебници, оваа година имаме 800, што е релативно мала бројка во однос на бројот на учебници кој ние го испорачуваме. Но, со оглед на тоа дека овие две години испорачуваме огромен број на нови учебници, на цели генерации, можеби реално и толку е само потребно. Нема да можеме да надокнадиме учебници доколку училиштата не ги пријавиле. Јас се надевам дека овој пат нема да ни се случи такво нешто и дека ќе бидеме сите задоволни.
Учебници има за сите предмети. Оваа влада направи прво една новина – учебникарството го префрливме кај издавачките куќи. Затоа што претходно многу се жалеа – има автори, нема автори, се повлекуваат, не можат да обезбедат, не се јавуваат на конкурс… Издавачките куќи, на наше големо задоволство, се заинтересирани да обезбедат учебници. Де факто, МОН беше и сопственик на авторските права и некој вид печатница, сè е тоа нешто што не е работа на МОН. Работа на МОН е да креира образовни политики. И доколку може да се ослободи од овие активности кои не се во негов домен, тоа е најдобро за да може да се посвети на она што треба.
Дополнително, донесовме формула со која се одредува цената на учебниците, за да не може издавачките куќи да ја одредуваат по свое лично видување или трошок, туку треба да се прилагодат на таа цена и тие ја прифатија цената. Дури и 10 проценти учебници кои тие може да ги имаат во слободна продажба не може да бидат над таа цена која државата ја плаќа за учебниците.
Имаме многу заинтересирани издавачки куќи, лани мислам девет, оваа година 11 издавачки куќи се вклучени во понудата на учебници, тие се веќе избрани и најголем дел од нив се дистрибуирани. Дополнително, заштедивме и на печатењето – во претходната влада печатењето беше 3,4 и 3,9 денари, во зависност од тиражот – под и над седум илјади. Ние обезбедивме средна сума од 2,9 денари, иако има инфлација и поскапување, и на тој начин заштедивме 50 милиони денари, што значи сме направиле пристојна заштеда за да можеме повторно да ги искористиме овие средства во корист на учениците.
Дистрибуцијата е речиси завршена, кај најголем број од учебниците, остануваат неколку учебници, за кои целата процедура е малку подоцна завршена. Но, јас сум длабоко убедена дека до 1 септември сè ќе биде подмирено.
Во јавноста одекна некако бројката од над 4000 помалку запишани првоодделенци во однос на лани. Бројот не е конечен и ќе се знае во септември, но секако падот е драстичен. Може ли во иднина тој да биде запрен или забавен со сите образовни политики што се спроведуваат во државава за подобри образовни услови, доградби за едносменска настава, стипендии итн.?
– Министерството за образование и наука не може да делува на демографијата, но МОН може да создаде услови за да ја намали миграцијата. И тоа и го правиме. Да, јас ја кажав таа бројка во тој момент, која до крајот на септември ќе се промени, дефинитивно ќе се промени.
Објаснувам зошто – прво, затоа што не сите училишта биле ажурни и ги завеле во Е-дневникот првачињата. Има голем број училишта кои не ги завеле првачињата во Е-дневникот и затоа јас велам ќе се намалува таа бројка. Дополнително, уписот треба да е завршен, но искуството кажува дека многу години наназад одреден број ученици се запишуваат на крајот на август, значи очекуваме да почне тој упис за околу 10 дена, и се движи до крајот на септември. Зошто? Затоа што дел од родителите се неажурни, дел од родителите се во странство на привремена летна работа, па се враќаат во земјата и тогаш ги запишуваат учениците. Дел ние сме ја сработиле работата, нашите медијатори влијаеле на родителите, ги потсетиле дека треба да ги запишат учениците. Имаме и внатрешна миграција, односно она што не е добро, а реално се случува – големите скопски општини – Аеродром, Кисела Вода, па и Гази Баба имаат прилив на ученици, за разлика од тоа што е во внатрешноста каде што бројот на ученици се намалува. Па така, очекувам конечната бројка да ја имаме дефинитивно на крајот на септември.
Без оглед колку ученици имаме, имаме рурални училишта кои се оддалечени од првите населени места, и таму да имаме и еден единствен ученик, ние мора да му обезбедиме на тоа дете образование, односно сите деца во земјава треба да имаат еднаков пристап до образованието. Но, таму каде што имаме повеќе деца, ние ќе продолжиме да им обезбедуваме соодветни услови за учење и соодветни услови за работа на наставниците. Значи, едносменската настава треба да ја спроведуваме. Работата во една смена, во претпладневната смена, обезбедува повеќе резултати – и на учениците и на наставниците, и ние ќе создаваме и понатаму услови.
Создаваме услови и за целодневен престој на учениците, од прво до деветто, па и во средното училиште, значи, што е можно подолг престој на учениците во училиштата, за таму да ги завршат сите обврски со помош на своите наставници. Да се намалат обврските што треба да ги направат дома, затоа што кога тие го сработуваат она што треба да го сработат заедно со наставниците, покажуваат подобар успех. И ние со таа политика ќе продолжиме.
До овој момент огромни средства вложивме во инфраструктурни промени. Во Скопје се доградуваат училишта, цели блокови, шест училници, осум училници, во зависност од потребата. Некаде само две или четири, но овој процес мора да продолжи зашто со него ние, де факто, инвестираме во иднината на младите, во нивното квалитетно образование и сум длабоко убедена дека ефектот по некоја година и ќе го видиме.
Хатка СМАИЛОВИЌ
Извор: МИА
август 15, 2026
