Connect with us

Хроника

Струмичанец лишен од слобода по тешка сообраќајка, загина 19-годишна сопатничка на мотоцикл

Во СВР Струмица е пријавено дека синоќа околу 23:30 часот на магистралниот пат Струмица – Граничен премин Ново Село, во атар на село Турново, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „сеат леон“ со струмички регистарски ознаки, управувано од С.Б.(29) од Струмица и мотоцикл без регистерски ознаки, управуван од А.Д.(19) од село Иловица.

Во несреќата, како што информираат од МВР, од здобиените повреди на местото починала 19-годишната К.Ј. ,сопатничка на мотоциклот, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Додека, со телесни повреди се здобил возачот на мотоциклот А.Д., констатирани во Медицински центар Струмица.

При увидот, кај возачот на автомобилот било извршено алкотестирање, при што биле измерени 1,75 промили алкохол во крвта. Тој бил лишен од слобода.

Полицијата констатирала и дека 19-годишниот мотоциклист управувал нерегистриран мотоцикл и пред да се стекне со право на управување со моторно возило.

Увид на местото извршиле јавен обвинител и увидна екипа од СВР Струмица. По наредба на јавен обвинител, телото на починатата било дадено на обдукција.

Поради сообраќајната несреќа, магистралниот пат Струмица–ГП Ново Село кај Турново бил целосно затворен за сообраќај од полноќ до 02:30 часот.