Интервјуа
Ана Бунтеска: Очите се прозорец на душата, таму е среќата, но и болката
Има луѓе што пишуваат за да бидат прочитани и има луѓе што пишуваат затоа што поинаку не можат. Ана Бунтеска е во втората група. Пишува за љубовта, за загубата, за среќата и за сите оние ситни, а всушност многу важни работи во сечиј живот, на кои често не им обрнуваме внимание се додека не ги изгубиме.
Родена е во 1972 година во Скопје. Дипломирала на Економскиот факултет во Скопје и работи на Македонската берза. Членка е на Друштвото на писателите на Македонија. Има издадено шест збирки поезија „Стави лaјк на сопствениот живот”, „Да му се насмееш на животот”, „Колку е потребно за среќа” (за која ја има добиено наградата “Македонска книжевна авангарда”), „Најди ми име”, „(Љ)убост” (заедничка книга поезија со Марко Виденовиќ), „Си беше една љубов”, книга колумни „Понеделнички муабет со…”, книга за деца „Шарени приказни” и тинејџерскиот роман „Девојчиња и момчиња”.
Учениците од средните училишта во Загреб коишто учат македонски јазик и култура (Модел Ц), школската 2017/2018 година ја поминаа преведувајќи нејзини песни. Нивниот труд беше препознаен и со помош на Советот на македонското национално малцинство за Град Загреб излезе од печат двојазичната книга поезија „Те сакам до небото и назад”. Книгата се наоѓа во школската библиотека во XVIII. Гимназија.
Со Ана Бунтеска разговаравме за поезијата како начин на живот, за тоа од каде доаѓаат стиховите, за едноставноста и искреноста, за тоа што значи да се биде жена, сега и овде…
Растевте на релацијата Скопје–Битола–Прилеп, а денес се почесто сте и во Охрид. Колку овие градови ве обликуваа како поетеса?
-Родена сум во Скопје, од мајка која потекнува од Битола и татко од Прилеп. Секогаш сум се смеела дека тоа доаѓа некаде кај Тополчани, на средина. Летниот распуст го минував во Битола, а за жал, Прилеп не го познавам толку добро. Во Охрид не сум живеела, но одам секогаш кога можам за да наполнам батерии. Во некој паралелен универзум, живеам покрај вода и во тишина… да, би можела да живеам во Охрид.
Вашиот татко е познат новинар. Дали зборот кај вас дома отсекогаш имал тежина, или поезијата дојде како ваш сопствен, поинаков јазик?
-Учена и воспитана сум дека секогаш зборот треба да има тежина и чинам дека е тоа е повеќе до воспитувањето отколку до професијата. Но, растењето во семејство во кое зборот бил начин на изразување на она што е подлабоко во нас, веројатно било поттик за да се развие нешто што постоело во мене. Инаку, поезијата и не е така непозната за жените-Бунтески, тука е и мојата братучетка Наташа Бунтеска која е извонредна поетеса.
Работите како брокер, а пишувате стихови за љубовта и душата. Како овие две страни на умот, рационалната и емотивната, живеат во еден ист човек?
-Работам на Македонска берза веќе речиси 25 години, а претходно бев брокер во Фершпед Брокер. Баш во последната колумна пишував за таа двојност, односно како заради сплет на околности и делумно заради мојата инертност, станав економист. Да го разбиеме митот за тие (демек, земски) професии за кои се верува дека ги работат луѓе кои имаат многу повеќе рацио, отколку емоции.
Ќе Ве изненади колку многу луѓе познавам кои се успешни менаџери или работат професии кои никако не се поврзани со уметност, но сликаат, пишуваат, создаваат музика. Кај мене тоа функционира како целина, не како подвоеност. Не можам да замислам да не пишувам, но не можам да замислам и цело време да го правам тоа. Честопати велам дека работата со бројки ме спасува од буквите и обратно.
Една од вашите најпознати песни е „Жени карпи“. Во неа пишувате дека таквите жени однатре плачат, а на лицето „ништо не им се гледа, само очите им темнеат“. Дали таа слика доаѓа од некое конкретно искуство или …?
-Тоа се жените кои биле присутни во мојот живот, директно и индиректно. Прабаба ми која го чекала мажот со години, која изгубила деца и која сиот живот го минала во црно, ама ете, живеела. Бабите мои кои се соочувале со тешки животни одлуки и кои решиле дека сепак, ќе бидат силни. Мајка ми, жените околу мене, моите пријателки. Сите тие жени кои што и да им се случи, утрото ќе најдат сила да станат од кревет и да функционираат, за себе и за оние околу нив. Не џабе велат дека очите се прозорец на душата, таму е среќата, но и болката. Затоа и постои она ,,ахаааа, си се вљубила, ти светат очите”, но и она ,,тажни ти се очите, што се случило”.
Ја опишувате жената и како некој што „лебди“, но истовремено и како карпа што „со векови може да стои пред врата“. Како за вас соживуваат кревкоста и силата во еден ист лик?
-Кревкоста е во надворешноста, ама силата е однатре. Пред неколку години правев муабет со една жена која беше како од порцелан – стокмена, нежна, бела, кревка на изглед. Низ разговорот сфатив дека пред мене стои карпа која само однадвор изгледа како да ќе се скрши, ако ја стиснете посилно. Таа жена имаше поминато несреќи за три животи нанапред. Изгледот лаже, отсекогаш лажел. Нашата сила е токму во тоа да се носиме со кревкоста, да знаеме како да се издигнеме и да продолжиме напред. Секогаш со крената глава.
Велите и дека таквите жени „со секој здив од себе земаат, за на другиот да дадат“. Мислите ли дека тоа постојано давање е нешто со кое се раѓаме како жени, или сме научени на него?
-Има една голема вистина во тоа давање и земање, вистина која сум ја нашла и во себе. Давањето од себе е избор кој првенствено го усреќува оној што дава. Жените биле учени дека треба да се жртвуваат за сите околу себе, така било многу долго време. Јас научив дека изборот е сепак во мене, кому ќе дадам дел од себе, моето време, внимание, љубов. Научив и дека не морам, ако не сакам. Сегашната позиција на жената дава избор кој ослободува, иако се сложувам со тоа дека имаме уште да работиме на тоа да сфатиме дека до нас е и во нас е одлуката.
Стихот „ако ги скршиш, маж никојпат не ќе бидиш“ звучи скоро како предупредување. Што всушност, со ова сакавте да му кажете еден маж?
-Прво, дека силата не се покажува со уништување, ами со создавање, со грижа, со почит и со љубов. Мене ме поразува фактот дека секојдневно слушаме за фемицид, за семејно насилство, а сега веќе и за она подмолното, психичко злоставување. Жените биле кршени со потчинување на духот, ставање и оставање во ситуација да бидат еконоски зависни, за да бидат ,,послушни” (секогаш кога го зборувам ова имам мачнина).
Во песната карпата истовремено е и заштита и товар и рана. Мислевте ли на некоја конкретна жена во Вашиот живот или на некој лик составен од повеќе жени?
-Ах, па само завртете се околу Вас. На секој чекор се, секаде околу нас. Жените кои не’ израснале, тие кои нив ги одгледале, нашите ќерки. Жените кои ги среќаваме попатно, со кои ќе си размениме поглед за меѓусебна поддршка и разбирање. Сите ние сме повеќеслојни, ама темелот ни е карпата во нас, како наследство кое ни е оставено, како наследство кое ќе го оставиме.
„Таквите жени умираат и се раѓаат во нив дур си“ – ова звучи како целосно себеодрекнување заради некој друг. Каде за вас е границата помеѓу љубов и губење себеси?
-Скраја да е, никогаш не сум помислила на тоа дека може така да звучи. Ние се потчинуваме на љубовта, не на мажот. Имам една песна во која велам дека на колена клекнувам пред дете и старец како метафора за невиноста на душата и мудроста, пред животот и смртта како метафора за чудото на раѓањето и за тоа дека умирачката не е крај, но и пред љубовта. Кога ќе дојде миг да се потчинуваме на човек, тогаш тоа не е љубов. Ниту чинот на потчинување, ниту, ако тоа некој го побара од нас. Да се откаже човек од себеси е најголемиот грев кон себе.
Песната завршува со слика на пепелишта, без дом и без огниште, штом карпата-жена ќе се скрши. Верувате ли дека општеството доволно ја препознава оваа тивка сила на жените, пред да се случи кршењето?
-Не, не мислам дека општеството доволно препознава било што додека не му се брцне во око. Токму затоа, должност ни е како жени да се бориме да бидеме видени, чуени, препознаени. Должноста не е само кон самите на себе, ами да ги научиме генерациите после нас дека треба да бидат гласни, иако почнувам да верувам во тоа дека ние имаме повеќе да учиме од нив.
Дали и вие сте „карпа-жена“ или сте научиле да бидете и нешто друго?
-Зарем не учиме сиот живот? Стануваме ова или она, зависно од тоа во кој период сме, што моментално врвиме и каде сме со духот. Учам да плачам, уште учам да плачам, оти си имам ставено забрана, демек мора да сум силна. А ништо не мора, нели?
Долго време ги споделувавте песните на Фејсбук, пред да станат книга. Што значи кога читателите ќе ве „најдат“ пред да ве најде издавачот?
-Песните секогаш ги објавувам на социјалните мрежи, дури и оние кои не се во книга. Јасно ми е во какви услови живееме, јасно ми е дека има луѓе што сакаат да прочитаат нешто, ама не им крепи буџетот да си дозволат книга. Тие кои ќе сакат да имаат и печатено издание, ќе си купат. Токму тие, читателите, се најголемата афирмација. Тие препознаваат вистина и лага, искреност или продавање ветар и магла. Благодарна сум за секоја порака, искажана поддршка, љубов и возвраќам со сета јас.
Наградата „Македонска книжевна авангарда“ ја добивте токму за искреност и едноставност во изразот. Дали сметате дека едноставноста е потешка за постигнување од сложеноста?
-Не знам, затоа што не знам поинаку да се изразувам од ова како што го правам дури и сега во овој миг, додека одговарам на прашањата. Пишувам и зборувам како што чувствувам, како што во моментот ми се редат мислите и зборовите во главата. Дали е едноставно или сложено, тоа ќе го кажат тие што ме читаат. Се обидувам да бидам доследна на себе и да не го менувам начинот на кој најдобро умеам да се искажам, на хартија или вербално. Пак ќе речам, повеќе е до искреноста отколку во едноставноста или сложеноста на зборот.
Со „Девојчиња и момчиња“ и „Шарени приказни“ тргнавте кон помладата публика. Што ве научија децата и тинејџерите за пишувањето?
-Тој период беше преубав за мене, затоа што ја имав таа можност да пишувам за деца, да бидам дете. Ќерка ми ми беше главната инспирација, чинам дека тогаш повеќе учев јас од неа и благодарна сум за тоа што влегов во тој процес на создавање книги за деца. Нивниот свет е толку чист и едноставен што мислам дека ми се врати таа свежина на неизвалканост која сакале или не, ја губиме со текот на годините. Децата се најдобрите учители и најдобро ни ги ресетираат сите воспоставени критериуми и ставови.
Ако треба да го издвоите стихот или реченицата што најмногу ве објаснува, а сепак ве боли секогаш кога ќе ја прочитате, која би била таа?
-,,…само во очите на ќерка ми, јас сум сето она што посакувам да бидам”
Вие сте и мајка на Нина. На што ја учите ќерка ви?
-Да е своја, да е храбра, да се бори за себе. Колку само сакам да е бескомпромисно и безобразно среќна, да се слуша себеси, да има покрај себе луѓе со кои ќе најде сродност којашто е иљач. Ја учам да се грижи за себе и да љуби на начин во кој ќе ужива.
Која жена е вистинска жена?
-Секоја жена е ЖЕНА!
А која Ана е Ана Бунтеска?
-Таа што се буди изутрина со насмевка, таа која пцуе додека вози низ метежот, таа која има душа стегната како лешник кога се работи за детето, таа која си се помолува да бидат мајка и’ и татко и што подолго тука, таа која пишува вадејќи си ја кожата пред сите, таа која знае дека е за никаде оти солза не пушта, таа која е некогаш толку долу што не сака да стане од кревет, таа која љуби како да ќе нема утре, таа која страда, таа која влече полни торби од пазар, таа која станува наутро во 6,30 за да се подготви за на работа, таа која ќе се гушне со непозната жена која се препознала во неа, таа која е самокритична до болка, таа која е во климакс и која гризе наоколу, таа која знае да се осами, таа која сака да седи со сродните души и да си молчи или зборува, сеедно. Која и да ја одберете од овие, таа сум…, а најмногу сите заедно.
Бранка Д. НАЈДОВСКА
Извор: МИА
август 11, 2026
