Општини
Се гради нова црква во кавадаречко Гарниково
Се гради нова црква во кавадаречко Гарниково, на местото од старата што некогаш постоела пред многу години и била разурната. Претседателот на месната заедница Борче Бошев денеска информираше дека расте интересот за овој убав крај од Тиквешијата, со многу природни убавини.
– Гарниково има прекрасна природа. Од градот е оддалечено околу 15 километри. Љубителите на природните богатства овде го посетуваат изворот на реката Каменица, а за спелеолозите се предизвик Арамиска и другите пештери во околината – сподели Бошев.
Тој појасни дека решиле да ја возобноват црквата Свети Мина и на тој начин да ги изразат своите религиозни чувства и почитта што ја имаат кон сопствената вера.
Бошев кој е искусен планинар и познат мајстор на столарскиот занает, ги повика верниците што имаат можност, да донираат за црквата и за заживувањето на овој крај, што, како што подвлече, има прекрасни услови за развој на повеќе видови на туризам.
август 11, 2026
