Култура
Отворен петтиот Фестивал на грчкиот филм во Скопје
Во Кинотеката синоќа свечено беше отворено петтото издание на Фестивалот на грчкиот филм, кој се одржува со мотото „Женски поглед: Филм по нејзина мерка“. Оваа година фестивалот е посветен на жените зад камерата и ги слави женските гласови, визии и изрази.
Како што беше најавено, со внимателно избраната програма од три долгометражни и два кратки филма на грчки режисерки, публиката има ретка можност да се запознае со разни епохи и уметнички светови – од зачетоците па сè до најновата продукција на грчката кинематографија.
Фестивалот почна со проекција на филмот „Длабочината на океанот“ (Titanic Ocean), во присуство на режисерката Константина Коѕамани, која пред скопската публика ја сподели личната нишка вткаена во делото.
– Чест ми е што мојот филм премиерно беше прикажан вечерва на свеченото отворање на фестивалот – истакна Коѕамани откривајќи дека приказната на платното е, всушност, одраз на нејзиниот сопствен живот. Израсната покрај море, вљубена во нуркањето и длабоко фасцинирана од јапонската култура, книжевност и филм, таа ги споила сите свои љубови во проект што го создавала десет години.
Во рамките на фестивалот вечерва ќе бидат прикажани краткиот филм со современа приказна „Летно место“ на Александра Матеу и филмот од 1953 – „Ева“ на Марија Плита, првата жена режисер во историјата на грчкиот филм.
По проекциите, ќе следува разговор со публиката, кој ќе го води Бети Какламаниду – професорка од Универзитетот „Аристотел“ во Солун. Таа е заслужна за реставрацијата на филмот „Ева“ и за повторното откривање на пионерското творештво на Марија Плита.
Влезот за проекциите е бесплатен, со претходна најава за присуство на веб-страницата: thegreekfilmfestivalinskopje.com
ноември 26, 2026


