Connect with us

Култура

Романот „Песот со тажен поглед“ на Оливера Николова во превод на бугарски промовиран во македонскиот КИЦ во Софија

Македонскиот Културно-информативен центар во Софија одбележа 90 години од раѓањето на истакнатата македонска писателка Оливера Николова (1936–2024), со претставување на преводот на бугарски јазик на нејзиниот роман „Песот со тажен поглед“. 

Како што соопшти КИЦ Софија, настанот го отвори амбасадорот во Бугарија, Крум Ефремов, кој  ја нагласи  книжевната и универзална човечка вредност на овој роман, како и значењето на делото на Николова за македонската литература и култура.

-Во своето обраќање амбасадорот посебно ја истакна важноста и улогата на македонскиот Културно-информативен центар во Софија, кој преку својата континуирана и разновидна културна програма дава значаен придонес во развивањето и спроведувањето на културната дипломатија. Притоа ја нагласи неговата улога како важна институционална платформа за афирмација на македонскиот културен идентитет, презентација на националните културни вредности и градење мостови на комуникација, разбирање и соработка меѓу двете земји, информира КИЦ.

Директорот на КИЦ во Софија, Зоран Пејковски, се осврна на богатството и разновидноста на современата македонска книжевна продукција, на нејзините значајни авторски имиња и на потребата од нејзина континуирана меѓународна афирмација.

-Тој ја истакна посветеноста на македонскиот КИЦ во Софија кон промоцијата на македонското книжевно, уметничко и културно творештво, нагласувајќи ја неговата улога како активен чинител во културната дипломатија и во градењето трајни културни врски. Македонскиот КИЦ во Софија овозможува презентација на македонските културни вредности, непосредна комуникација меѓу македонските и бугарските културни дејци и создавање можности за долгорочна соработка. Неговата програмска дејност придонесува за поголема видливост на македонската култура и современо творештво во меѓународниот културен простор, се наведува во соопштението. 

За животот и книжевното дело на Оливера Николова, нејзиното значење за македонската литература и трајните вредности на нејзиното творештво зборуваше Марина Мијаковска, а за овој роман на Николова се осврна  Светлана Јанчева, претставничка на бугарската издавачка куќа „Изида“, која го објави бугарското издание на книгата.  На промоцијата учествуваа и Пламен Тотев, литературен критичар и издавач,  и Маријан Петров, преведувачот на романот на бугарски јазик. 

Романот „Песот со тажен поглед“, кој во 2019 ја доби  наградата „Роман на годината“, е длабока и потресна приказна за страдањето на човекот, последиците од војната, загубата, осаменоста и потрагата по смислата на животот. Сместена во суровиот амбиент на Првата светска војна, приказната го следи австрискиот воен заробеник Алберт Гас, кој, соочен со физичките и психолошките последици од војната, се обидува да ја зачува својата човечност.

Ad
Ad