Култура
Претставени млади музички таленти во Ниш во организација на македонскиот КИЦ во Белград
Со концерт на младиот гитарист Коста Давчевски во галеријата „Павилјон во Тврдината“ заврши претставувањето на талентирани млади музички уметници во Ниш, во организација на македонскиот Културно-информативен центар во Белград.
-Во исполнетиот до последно место галериски простор, нишката публика со долги аплаузи и повикувања за бис го поздрави првиот самостоен концерт на Коста Давчевски, најнаградуваниот млад гитарист во Србија, со потекло од Македонија по таткова линија. Коста се претстави со познати стандарди за гитара од светската музичка литература, со две композиции за гитара од српски композитори, како и со обработка на една од најпознатите традиционални македонски песни – „Јовано, Јованке“ – информира КИЦ во Белград.
На нишката публика КИЦ ѝ претстави уште двајца исклучително талентирани млади музички уметници – виолинистката Вероника Мона Богиќ и пијанистот Никола Лекиќ, на концерот што се одржа на Факултетот за уметности во Ниш.
– На програмата насловена „Извори“, по истоимената композиција од Никола Лекиќ специјално напишана за „Деновите на македонската култура“, во мај годинава се најдоа уште двајца македонски композитори – Томислав Зографски и Давор Јордановски. Нишката публика со долги аплаузи ги награди младите музички уметници, кои исто така имаат македонско потекло, по мајчина линија, соопшти КИЦ Белград.
Македонскиот КИЦ посочува дека за време на музичкото претставување во Ниш воспоставил поблиски контакти со уште неколку млади музички уметници од нашата држава, кои студираат во Ниш, со план за соработка во иднина.
-Со концертите во Ниш, поддржани од Министерството за култура и туризам. КИЦ Белград го реализира четвриот културен настан годинава надвор од Белград. Претходно во Нови Сад беше реализирана фотографска изложба на Александра Костадиновска и концерт на триото „Нова“. Македонската заедница – и во Ниш и во Нови Сад, и воопшто културната јавност во овие два големи српски града, со исклучителен интерес и посетеност ги проследи овие културни настани во организација на КИЦ Белград. Овие проекти беа иницирани и организирани од директорот на македонскиот КИЦ во Белград, Васко Шутаров – се наведува во соопштението
ноември 26, 2026


