Connect with us

Свет

Фредериксен: Лидерите на ЕУ сè уште се далеку од договор за буџетот на Унијата

Данската премиерка Мете Фредериксен денеска изјави дека лидерите на земјите-членки на Европската Унија сè уште се многу далеку од договор за буџетот на Унијата и истакна дека сегашниот предлог за буџет не е прифатлив.

„Буџетот е преголем и не е доволно фокусиран на иднината“, рече Фредериксен, додавајќи дека е за поголеми инвестиции во конкурентноста, одбраната и безбедноста.

Таа истакна дека во земјите-членки ќе се одржат важни политички избори во 2027 година и оцени дека поради ова „ситуацијата во Европа би можела да стане уште посложена“, поради што е важно да се постигне договор оваа година.

Фредериксен ја поддржа позицијата дека финансирањето на Украина треба да биде поврзано со новиот буџет на ЕУ, нагласувајќи дека Украина е „првата линија на одбрана на Европа“, објавува Гардијан.

„Ако Украина падне, верувам дека постои значителен ризик Русија да продолжи понатаму“, предупреди таа.

Фредериксен додаде дека во Европа постои традиција на заедничко финансирање на заедничките трошоци и дека финансирањето на Украина мора да се гледа како дел од тие трошоци.

На прашањето дали ЕУ ќе може да продолжи да ја поддржува Украина со оглед на изборите во следните 12 месеци, кои би можеле да ги доведат десничарските и крајно десничарските партии на власт во Франција, Шпанија и Полска, меѓу другите земји, Фредериксен отворено рече дека не знае.

Сепак, таа предупреди дека Европа не треба да размислува за едноставно прекинување на поддршката за Украина и пренасочување на тие пари кон други потреби.

„Со оглед на сè што во моменов гледаме од руска страна… ако дозволиме Украина да падне, практично ја отвораме вратата за Русија да продолжи“, истакна Фредериксен.

Ad
Ad