Connect with us

Живот

Дел од ракета на „Спејс-Икс“ ќе се забие во Месечината

Неупотреблив дел од ракета „Фалкон 9“ на „Спејс-Икс“, тежок четири тони, денеска ќе се урне на површината на Месечината, со брзина од 8.400 километри на час, соопшти американската Национална воздухопловно-вселенска администрација (НАСА).

Предметот со големина на училиштен автобус, што лута во вселената од минатата година, е втората фаза од ракета „Фалкон 9“ на „Спејс-Икс“, која имаше задача да постави приземјувач на Месечината во јануари 2025 година. Ударот не претставува закана за Земјата, но ќе остави нов месечев кратер и ќе обезбеди можности за натамошни научни истражувања, објави „Гардијан“.

Ракетниот отпадок ќе го погоди кратерот Ајнштајн на западната страна на Месечината, што често и не е видлив од нашата планета.

Вселенскиот отпад ќе подигне облак од месечев прав што веројатно ќе биде осветлен од Сончевата светлина, но ќе биде тешко да се види со голо око од Земјата. НАСА соопшти дека се очекува ударот да создаде дупка широка околу 18 метри и длабока околу четири метри. 

НАСА ќе бара можности за снимање на местото пред и по ударот. Сите собрани податоци, се наведува, ќе им помогнат на научниците подобро да ги разберат вештачките влијанија врз научните истражувања во вселената.