Connect with us

Свет

Буданов ќе ја предводи украинската делегација на преговорите со Русија и САД во Абу Даби

Шефот на Кабинетот на украинскиот претседател, Кирило Буданов, ќе ја предводи украинската делегација на трилатералните преговори со Русија и Соединетите Американски Држави, закажани за 10 и 11 ноември во Абу Даби, во Обединетите Арапски Емирати.

Буданов ова го изјави во интервју за американската телевизија Си-Би-Ес (CBS). Како што пренесе украинската новинска агенција Укринформ, тој истакна дека не очекува значителен пробив на претстојната средба, но смета дека напредок е веќе постигнат со самото тоа што делегациите се согласиле повторно да разговараат непосредно, лице в лице.

„Овие преговори не се последни и не се конечни. Сè за што ќе разговараме е приближување кон подготвеноста за завршување на војната што е во тек. Што ќе постигнеме? Ќе се воздржам од одговор“, порача Буданов.

Руската делегација на разговорите во Абу Даби ќе ја предводи помошникот на рускиот претседател, Владимир Медински, потврди портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Американската страна се очекува да ја претставуваат специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.

Средбата ќе се одржи со посредство на Вашингтон и е најавена како разговор на работно ниво. Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф уште на 3 ноември соопшти дека разговорите се планирани за 10 и 11 ноември, по што тоа го потврдија и Кремљ и украинската страна.

Ad
Ad