Филм
Дејвид Џонсон е новиот Црн Пантер
Британскиот глумец Дејвид Џонсон ќе го глуми насловниот суперхеројски лик во новото продолжение на „Црниот Пантер“. Тој ќе го глуми Тусен – возрасниот син на Т’Чала – херојот од првиот дел.
Веста беше објавена за време на овогодишниот „Комик-кон“ во Сан Диего, САД, каде што „Марвел“ (Marvel) претстави некои од плановите за претстојните филмови. Претставувањето на продукциската куќа, очекувано, привлече големо внимание, најмногу поради филмот „Одмаздници: Судниот ден“ (Avengers: Doomsday), но донесе и неколку други големи изненадувања. Џонсон (32), познат по своите улоги во серијата „Индустрија“ и филмовите „Рај Лејн“ и „Осмиот патник: Ромулус“, ја презема една од најважните улоги во филмскиот свет на „Марвел“, објавува „Евроњуз“ (Euronews).
Режисерот Рајан Куглер ѝ го претстави Дејвид Џонсон на публиката со зборовите: – Поздравете го нашиот нов Црн Пантер – Дејвид Џонсон.
Меѓу другото, беше потврдено и дека Рајан Гослинг е избран за насловната улога во филмот „Сенишниот возач“ (Ghost Rider) којшто ќе се прикажува во 2028 година – како наследник на Николас Кејџ од претходните два филма.
По смртта на Чедвик Боузман во 2020 година, „Марвел“ одлучи да не најми друг глумец за улогата на Т’Чала. Боузман го толкуваше Црниот Пантер во четири филма од светот на „Марвел“.
Роден во Лондон, Џонсон се обучувал на престижната академија РАДА, а исто така, е пофален од критичарите и за минатогодишната адаптација на романот на Стивен Кинг „Долгата прошетка“. Минатата година ја освои наградата БАФТА „Ѕвезда во подем“. Видливо емотивен, Џонсон им се заблагодари на Куглер, претседателот на „Марвел студиос“, Кевин Фајџ и на целиот тим на „Марвел“.
– Не сакам да говорам премногу бидејќи сакам филмот да зборува сам за себе. Сѐ што можам да кажам е дека ми е голема чест што сум дел од оваа приказна – рече тој.
Фајџ појасни дека сакаат да го почитуваат наследството на Боузман, но истовремено и да продолжат да ја прошируваат приказната за Ваканда и нејзините ликови. Во филмот „Црн Пантер: Ваканда засекогаш“, улогата на заштитник на Ваканда ја презеде Шури (одглумена од Летиција Рајт)
јули 29, 2026
