Сервисни информации
Активни девет пожари низ државата
До 13 часот денеска во државата се регистрирани вкупно 13 пожари на отворен простор, од кои девет се сè уште активни, два се ставени под контрола, а два се целосно изгаснати, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според податоците на ЦУК, меѓу деветте активни пожари е жариштето во Општина Студеничани над селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, каде што гори мешана шума. Активни пожари во кои е зафатена ниска вегетација има во Општина Новаци кај селото Маково, во атарот на селото Лозани во Општина Могила, во Општина Велес кај селото Сливник, како и во Општина Македонски Брод кај селото Драгов Дол.
Ниска вегетација гори и во Општина Прилеп кај старата фабрика „Партизанка“, како и во Општина Струга кај селото Долно Татеши. Во Општина Крива Паланка кај селото Муждивњак пожарот зафатил ниска вегетација и багреми, додека во Општина Битола, по должината на магистралниот пат Прилеп-Битола, огнот зафатил ниска вегетација и една викендица.
Под контрола се ставени два пожара, и тоа на градската депонија во Општина Делчево, како и во Општина Кичево кај селото Манастирско Доленци, каде што горела нискостеблеста деградирана шума.
Целосно се изгаснати пожарите во Општина Босилово кај селото Старо Балдовци, каде што горела ниска вегетација и шамак, како и во Општина Јегуновце кај селото Копанце, каде што огнот зафатил шума и ниска вегетација.
август 13, 2026
