Економија
Сиљановска-Давкова и Славески: Економијата е стабилна, приоритет остануваат макроекономската и финансиската стабилност
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, кој ја информира за основните макроекономски показатели и за мерките преземени во делот на макроекономската политика.
На средбата, како што соопшти Кабинетот на претседателката, станало збор за влијанието на глобалните геостратешки, финансиски и енергетски трендови врз македонската економија, како и за последиците во индустријата, трговијата и градежништвото.
Гувернерот оценил дека економијата е стабилна, со солиден раст, но дека треба внимателно да се следат увозната зависност и цените на храната и енергијата.
Соговорниците се согласиле дека стручните и компетентни човечки ресурси се клучни за успешното функционирање на Народната банка и за одржување на финансиската стабилност на земјата. Гувернерот до Собранието доставил предлог за избор на трет вицегувернер.
На средбата било потврдено дека макроекономската стабилност и здравиот финансиски систем остануваат приоритет за напредокот на државата.
август 25, 2026
