Економија
Скопскиот аеродром трет по бројот на патници во поранешна Југославија и покрај намалувањето поради кризата
Аеродромите во главните градови на поранешна Југославија овој месец забележаа намалување на летовите и на капацитетот по серијата ревизии на мрежата од страна на авиокомпаниите поради тековниот конфликт на Блискиот Исток, зголемувањето на цените на горивата и потенцијалните ограничувања на снабдувањето.
Во споредба со првично поднесените распореди и нивоа на капацитет за април објавени од EX-YU Aviation News кон крајот на март, ситуацијата се промени на неколку аеродроми, а скопскиот аеродром е трет по број на седишта меѓу аеродромите во регионот и со намалувањето на бројот на седишта бележи 32 проценти раст во однос на минатата година.
EX-YU Aviation News пишува дека според ревидираниот распоред аеродромот во Белград треба да понуди 897.733 седишта на редовни летови во април, што е намалување за 36.995 од првичниот план. И покрај намалувањето, ова сепак претставува зголемување од 7,6 проценти во споредба со април 2025 година. „Ер Србија“ останува најголемиот превозник со 433.502 седишта, иако ова е 20.000 помалку од првично планираното, по што следуват „Визер“, „Луфтханза“ и „Туркиш ерлајнс“.
Загреб ќе има 549.720 седишта на редовни услуги, 10.332 помалку од првично поднесеното. Ова претставува пад од 2,6 проценти на годишно ниво. „Кроација ерлајнс“ ја задржува својата позиција како најголем превозник со 203.998 седишта, што е зголемување од 5,4 проценти во споредба со минатата година, пред „Рајанер“, „Луфтханза“ и „Туркиш ерлајнс“.
Скопскиот аеродром изгуби 6.866 седишта по ревизиите на мрежата досега овој месец, со што вкупниот број достигна 393.355. И покрај намалувањето, ова сепак претставува силно зголемување од 32 проценти во споредба со минатата година. „Визер“ останува најголемиот превозник, со зголемен капацитет од 68 проценти, проследен од „Пегасус ерлајнс“ и „Туркиш ерлајнс“, се вели во објавата.
Од „ТАВ Македонија“, концесионерот на аеродромите во Скопје и Охрид, минатиот месец за МИА изјавија дека како резултат на конфликтот на Блискиот Исток можно е одредено ограничено влијание кај некои од дестинациите од домашните аеродроми, но оти засега не се очекуваат поголеми нарушувања во авиосообраќајот. „Визер“ ја прекина редовната авиолинија Скопје – Ларнака откога интересот за резервации на авиобилети се намалил и ќе лета сезонски.
– Внимателно ја следиме состојбата и сме во постојана комуникација со авиопревозниците. Во овој момент не се очекуваат значајни промени во вкупниот број на летови и на патници имајќи предвид дека најголемиот дел од сообраќајот на скопскиот и на охридскиот аеродром е поврзан со дестинации во географска Европа, особено Западна и Северна Европа – изјави Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
Приштинскиот аеродром треба да понуди 390.680 седишта, што е намалување од 7.345 во однос на првичниот план, со вкупен раст на капацитетот во моментот проектиран на 2,6 проценти. „Џи-пи евиејшн“ го држи најголемиот удел, проследен од „Визер“, „Чаир ерлајнс“ и „Пегасус ерлајнс“. Бројот на седишта на аеродромот во Сараево сега изнесува 223.574, што е намалување од 6.820 во споредба со првичните планови. Ова претставува намалување од 5,1 проценти во однос на нивоата од 2025 година. „Рајанер“ е најголемиот превозник по што следуваат „Туркиш ерлајнс“, „Пегасус ерлајнс“ и „Аустријан ерлајнс“.
Аеродромот во Подгорица ќе има 205.319 седишта на редовни летови во текот на месецот, што е намалување за 2.505 од првичните планови, но сепак е зголемување од 14,6 % во споредба со минатата година. „Визер“ треба да стане најголем превозник по што следуваат „Рајанер“, „Ер Монтенегро“ и „Туркиш ерлајнс“.
Љубљана, пак, ќе понуди вкупно 191.974 седишта на редовни летови намалувајќи 11.196 седишта во споредба со претходните проекции, но сепак бележи зголемување од 17 проценти на годишно ниво. „Луфтханза“ ќе биде најголемиот превозник на аеродромот по што следуваат „Туркиш ерлајнс“, „Свис“ и „Изиџет“.
април 17, 2026

