Економија
Божиновска: Македонија во Истанбул ги претставува енергетските и инвестициските потенцијали пред турскиот бизнис
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, денеска, во Истанбул, учествува на бизнис-форумот Северна Македонија – Турција, посветен на продлабочување на економската соработка и привлекување инвестиции.
Како што соопштуваат од Министерството за енергетика, на форумот присуствува владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, во чиј состав се и министри од економскиот, енергетскиот и инфраструктурниот сектор. Домаќин на настанот од турска страна е министерот за трговија Омер Болат, а организатори се турското Министерство за трговија и Советот за надворешни економски односи (DEİK).
Форумот ги обединува претставниците на институциите и бизнис-заедниците од двете земји со цел зголемување на трговската размена и поттикнување нови инвестициски иницијативи.
– Во рамките на форумот министерката Божиновска ќе биде учесник на панел-дискусијата „Билатерална соработка во трговијата, индустријата, производството и синџирите на снабдување“, каде што ќе ги претстави можностите што ги нуди Македонија во секторите енергетика, рударство и минерални суровини, како и реформските процеси насочени кон создавање стабилна, предвидлива и конкурентна инвестициска клима – стои во соопштението.
Предвидено е Божиновска да оствари и билатерална средба со турскиот министер за трговија Болат, на која ќе се разговара за унапредување на економската соработка, зголемување на турските инвестиции и можностите за партнерства во енергетиката и стратешките индустрии.
јуни 13, 2026

