Connect with us

Вести

Колумна на Марјан Ѓорчев за Охридската архиепископија – размисли на еден македонски мирјанин

Иван Снегаров – бугарски академик и црковен историчар по потекло од Охрид, во предговорот на своето двотомно капитално дело од 1932 година „За историјата на Охридската Архиепископија – Патријаршија” пишува: „…Историјата на Охридската Архиепископија е историја за осумвековна духовна независност, би рекол и духовна самостојност на Македонија…” (Предговор,стр.VI). Снегаров продолжува и во Предговорот потоа говори за влијанието на Охридската Архиепископија врз формирањето на националниот стремеж кај македонците за сопствен политички ентитет (безмалку идентични ставови со ставовите на бугарскиот преродбеник Петко Рачо Славејков- намесник на Егзархијата во Солун, во неговите писма до бугарскиот егзарх Јосиф во 1874 година за опасноста од стремежот за духовна и национална посебност на македонците) :”…Автономистичкиот дух на Македонија не е нов, туку е рожба на нејзиниот историски живот. Тој дух бил развиван од автокефалната Охридска Архиепископија. Историјата на последната не уверува дека Македонија има право и е способна и за политичка самостојност, исто како што можела да постои 8 (осум) векови како независна духовна организација…”.

Кога бугарскиот академик Снегаров го пишувал Предговорот на своето капитално дело, по мое убедување од него проговорило неговото енциклопедиско духовно образование, искрениот и непристрасен пристап кон историските факти, иако во основа неговиот теориски концепт ја вклучува Охридска Архиепоископија како дел од бугарскиот средновековен духовен свет.

ШТО ПИШУВА НА ВЛЕЗОТ ВО КАТЕДРАЛНАТА ЦРКВА СВЕТА СОФИЈА ВО ОХРИД

Кога сте исправени пред влезот на катедралната црква Света Софија во Охрид, над влезната порта ќе го воочите следниот натпис:” Архиепископот на Охридската Архиепископија е Архиепископ на Јустинијана Прима и на цела Бугарија”. Овој натпис бугарската црковна историографија го толкува како доказ дека Охридска Архиепископија е бугарска црква?! Тоа се докажува со задолжителна селективност на историските факти од бугарската историја!!

За што фактички станува збор. Тој натпис е од 1018 година, во годината кога Василиј II-царот на Источното Римско Царство jа возобновува Охридска Архиепископија и со своите три хрисовули (повелби) го дефинира нејзиниот статус. Имено, согласно новелите бр.11 и бр. 131 при формирањето на црквата Јустинијана Прима во 535 година, од страна на источно-римскиот император
Јустинијан-родум од Таурисион (денешно населено место Таор, блиску до Скопје),се дефинира христијанската диецеза на која што ќе делува помесната црква Јустинијана Прима, како трета црква после Рим и Константинопол. Василиј II утврдува дека наведените епархии во оснивачкиот акт на Охридската Архиепископиј се идентични со епархиите на Јустинијана Прима!! Токму на таа основа Василиј II ја констатира врската меѓу Јустинијана Прима и Охридска Архиепископија. Новелите бр.11 и бр.131 јасно ја дефинираат
црквенослужбената територија, со неспорни ингеренции за чинодејствување на епископите од Охридската Архиепископија. За време на постоење на Јустинијана Прима нејзината диецеза ги опфаќала административните области: Dacia Mediteranea,Dacia Ripensis, Mysia Secunda, Dardania, Prеаvalitania, Macedonia Secunda и дел од Panonia Secunda.

Новата административна структура на Источното Римско царство, е диктирана пред се од трајнотo населување на словените, бугарите, угрите, печенезите, куманите, гагаузите и други етноси на територијата на Царството. Василиј II по победата над Царот Самуил создава нова источно – римска админстративна тема под име „цела Бугарија”,којашто се протега од Панонија, Срем, Србија, Црна Гора, Македонија, Албанија и дел од подунавска Бугарија-поточно областите и градовите од левиот брег на реката Искар. Искар е меѓникот каде што се разграничува црковното влијание на Рим и Константинопол. Територијата од десниот брег на р. Искар (делови од денешна Бугарија и делови од Тракија) потпаѓаат под нови административни теми – Парастрион (Стара планина) и Парадунавион (р. Дунав). Бугарските историчари по мое мнение се во голема заблуда кога говорат дека името на административната област „цела Бугарија”,го определува духовното делување на Охридската Архиепископија како бугарска црква?? Световната власт е во рацете на источните римски императори коишто го организираат царството во повеќе административни теми, а духовната власт ја има Васељенскиот поглавар во Константинопол како прв меѓу еднаквите архиереи од сите цркви, коишто чинодејствуваат во источно-римската диецеза!!

Сосема е извесно дека световното име на источно-римската тема „цела Бугарија” нема никаков етнички,државничко-историски или било каков друг наратив, туку претставува јасно омеѓување на една огромна територија населена од варварско население со друг цивилизациски вектор, различен од цивилизацискиот вектор на ромеите. Во тој контекст целокупната претходно наведена територија се третира како територија населена со варвари – словени, бугари, гагаузи, угри, печенези, мизи, скити, даки…Василиј II варварите (староседелци и новодојдени племиња и родови) ги именува со латинското име “vulgaris”!! Бесмислено е да се тврди дека териториите на Панонија, Србија, Црна Гора, Албанија и Македонија се делови од средновековна замислена бугарска територија (според бугарските историчари), само поради тоа што Василиј II новата административна тема ја нарекол „цела Бугарија”?! Најголем пример за тоа колку често се менуваат административните граници во рамките на Источното Римско Царство е токму македонскиот историско-географски простор. Во рамките на Источното Римско Царство административните граници на Македонија се менуваат многупати, па така се сретнуваме со имиња на темите Македонија Прима, Македонија Секунда, Долна Македонија, Горна Македонија и секакви други теми именувани со најразлични имиња најчесто во однос на одделни топоними, хидроними и слично. Новата административна тема „цела Бугарија” е дел од световната организација на Источното Римско царство, додека духовната власт во таа тема ја има црквата Охридска Архиепископија, како помесна и сестринска црква со апостолската црква во Константинопол.

ЗА ДЕЈНОСТА НА ОХРИДСКАТА АРХИЕПИСКОПИЈА И РАЗЛИКИТЕ СО БУГАРСКИТЕ ЦРКВИ ВО ПЛИСКА,ПРЕСЛАВ И ВЕЛИКО ТРНОВО

Охридската Архиепископија како црква којашто христијанското човекољубие го раширува во деловите на својата диецеза, има огромен фундамент во Охридската книжевна школа на словенскиот епископ Свети Климент. Ученикот на светите браќа Кирил и Методиј останува доследен на пра-кодификацијата на првото глаголско старо-словенско писмо и епиграфските материјали од работата на неговата книжевна школа упатуваат на употребата на облесто глаголично писмо се до крајот на 11-ти век. Епиграфските материјали од тркалезната маса на Големиот Преслав, ни даваат јасна претстава за развојот на кирилицата како основа на Преславската книжевна школа. Книжевните трудови напишани ка кирилица како упростена форма на грчкото писмо во комбинација со симболите од старо-словенската глаголица, имаат огромно значење за прогласување на кирилицата како званично писмо на Првата бугарска средновековна држава во 893г.. Употребата на облестата глаголица во диецезата на Охридска Архиепископија најмалку за период од уште едно столетие, ја прави суштинската разлика меѓу македонската и бугарската редакција на старо – словенскиот јазик, што е прапочетокот и за подоцнежно формирање на посебно кодифицирани словенски јазици-бугарскиот и македонскиот!!

Токму овие непобитни историски факти за разликите во употребата на словенската глаголица и кирилица меѓу двете книжевни школи, имаат огромно влијание и во христијанската историска мисија на Охридската Архиепиаскопија и Преславската Патријаршија. Црковните псалми во македонската старо-словенска редакција се разликуваат од црковните псалми напишани со бугарската редакција на старо-словенскиот јазик. Тоа го констатира и Тезеј Амброзио Албонесе во 1539 година во неговата книга во која се објаснуваат преводите на црковните псалми на различни јазици од европско тло.

Бугарската црковна историја тврди дека основањето на Охридската Архиепископија во 896 г. за време на владеењето на царот Самуил е де факто „преселување” на црковната јурисдикција од Преслав во Преспа?! Имено, последниот бугарски патријарх Григориј по укинувањето на Преславската патријаршија се тврди дека се преселил на островот св.Ахил. Бугарскиот патријарх не може само со промена на својата катедра да стекне право на црковна јурисдикција во новата диезеца, без притоа да добие потврда од Синодот на Охридска Архиепископија и Архиепископот Герман. Таков историски документ не постои,како што не постои ниту документ дека се отповикува неговата јурисдикција од територијата на Доростолската црква (последната активна Преславска црква) од каде што доаѓа. Тоа е круцијален доказ дека нема никаква поврзаност помеѓу Преславската и Охридската црква!! Има уште еден многу важен момент!! Бугарската црковна историја сеуште не одговорила зошто Охридската Архиепископија се вбројува како духовен извор на Бугарската православна црква дури по 2008 година?! Не е јасно како тоа од 1870 година до 2008 година има таква „црна дупка” во бугарската црковна историја??

Историски е недвојбено дека многу охридски архиепископи се титулирале како архиепископи на Охридската црква и цела Бугарија. Тоа е сосема исправно, имајќи ја во предвид световната организација на Источното Римско царство и значењето на царскиот престол во Константинопол. Меѓутоа, христијанската диецеза на Охридската Архиепископија е нешто сосема друго. Во периодот на средновековието, делови од диецезата на Охридската црква биле под феудална власт на различни средновековни феудални владетели од Бугарија, Србија, Епир и Норманскиот свет. За целиот тој метежен период на распаѓање на Источното Римско Царство, канонскиот статус на автокефална Охридска црква никогаш не бил нарушен, ниту оспорен!! Исто така е неспорен и фактот дека многу охридски архиепископи се титулирале како архиепископи на Јустинијана Прима. Во таа смисла, Јован Комнен IV во 1157 година, прв се титулирал како Архиепископ на Јустинијана Прима!!

Конечно, клучна разлика во основањето на Охридска Архиепископија и бугарските цркви во Плиска, Прескав и Велико Трново е фактот дека црквата Јустинијана Прима е осветена од римскиот папа Вергилиј во 535 година, додека Охридска Архиепископија е осветена во 898 или 899 година од папата Грегор V. Тоа јасно го докажува влијанието на Рим во основањето на Охридската црква, што е коренито различно од основањето на Првата бугарска црква во Плиска во 870 година, каде што црквените псалми се пееле на грчки јазик, а бугарската црква е целосно зависна од влијанието на црковниот клер од Константинопол. Таа причинско-последична црковна врска е за целиот период на нејзиното суштествување, независно дали катедрата на бугарската црква е во Плиска, Преслав или Велико Трново.

ЗАКЛУЧОК

Обидите историската црковна димензија на Охридска Архиепископија да биде политички арбитрирана од страна на бугарскиот состав во Мешовитата историско-образовна комисија е голем преседан. Пред се во поглед на историската наука воопшто, одделно во делот на црковната историја на православното христијанство.

Уставите на македонската и бугарската држава се апсолутно противречни во однос на црковното прашање. Во македонскиот Устав црквата е одделена од државата и за црковните работи може да решава само Архиепископот на Македонската Православна Црква- Охридска Архиепископија и Светиот Синод. Во бугарскиот Устав црквата е дел од нормативниот и церемонијален дел во промоција на единството на бугарската држава и црква. Сосема е очигледно дека расправата за тоа чија е Охридската Архиепископија е расправа којашто води кон „слепа улица”!! Секоја расправа е осудена на неуспешен епилог и бесконечни надмудрувања кој црковно историски факт е поважен-македонскиот или бугарскиот?!

Оттука, јас како македонски мирјанин којшто по мајчина страна има некаква поврзаност со македонскиот црковен дискурс, се поклонувам пред грандиозниот христијански крст којшто за време на своето постоење го подигнала Охридската Архиепископија, за да го чува македонското христијанско стадо од сите неволи и зла, а истовремено да го дарува со човекољубие и вера во Бога!!

Автор: Марјан Ѓорчев

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 4