Општини
Зголемен број на самоубиства и обиди за самоубиства во Куманово, статистиката поразителна
Навремената реакција на блиските, семејството и пријателите е клучна за да се спречат обидите за самоубиство, укажуваат психолозите. Според СВР Куманово, податоците се поразителни. Од почетокот на 2025 година досега на подрачјето на СВР Куманово се евидентирани 15 самоубиства од кои 13 мажи и две жени. Во истиот период биле пријавени 12 обиди за самоубиство, од кои пет мажи и седум жени. Лани, пак биле регистрирани 12 самоубиства од кои десет мажи и две жени, а биле пријавени 19 обиди за самоубиство од кои девет мажи и десет жени.
Овие податоци, според стручните лица, се знак на растечка психолошка и социјална нестабилност во заедницата, имајќи предвид дека старосната граница на лицата кои посегнуваат по сопствениот живот е под 50 години, а во пораст се и случаите кај младите, но сепак возрасни лица.
Александра Милевска, дипломиран психолог и семеен и системски советник, објаснува дека трендот на пораст на самоубиства кај мажи е присутен не само во Куманово, туку и на глобално ниво.
– Во последните години забележуваме дека самоубиствата почесто резултираат со фатален исход кај мажите, иако и жените имаат голем број обиди. Кај мажите влијае тоа што поретко бараат помош и се помалку склони да зборуваат за своите емоции. Жените, пак, почесто бараат поддршка, што ја намалува можноста обидот да заврши трагичен, објаснува Милевска.
Нарушено ментално здравје и социо-економска положба причини за обиди за самоубиство
Ризикот за појава на депресивни состојби и самоубиствени мисли е зголемен, поради наршената социо-економска состојба кај повозрасните лица, нарушувања на менталното здравје кај помладите. Според психолозите во овој период од годината значително влиjanie има и намалената сончева светлина, промени во биоритамот, пад на енергијата и зголемената изолација.
– Кога имаме пократки денови и помалку светлина, кај дел од луѓето се јавува сезонска депресија. Таа може да биде тригер за лица кои веќе се соочуваат со други проблеми – психички нарушувања, хронични болести, сиромаштија или семејни конфликти, вели Милевска.

Чувството на осаменост е ризик фактор кој не треба да се занeмарува.
Грижата за менталното здравје, колективна одговорност
Покрај личната и семејната грижа, стручните лица посочуваат дека менталното здравје мора да стане приоритет и на институционално ниво.
– Грижата за менталното здравје не е индивидуална, туку колективна одговорност. Семејството, училиштето, локалната заедница и институциите мора да соработуваат во препознавање и поддршка на ранливите лица, потенцира Милевска.
Таа додава дека се потребни системски програми за превенција во училиштата, како и поголема достапност на стручна помош преку совети. Еден од клучните механизми за спречување на самоубиство е навремената реакција на блиските, членови на семејството, пријатели или колеги.
– Секоја промена во расположението, оддалечување или изјава за безнадежност треба да се сфати сериозно. Подадена рака во вистински момент може да спаси живот, вели Милевска.
Стручните советуваат во последниве години, регистриран е позитивен тренд сè повеќе луѓе бараат психолошка поддршка., но нагласуваат дека сè уште треба да се работи и отворено да се зборува за менталното здравје. Едукацијата мора да започне од најмала возраст, институциите да иницираат кампањи за подигање на свеста за зачувување на менталното здравје, целата заедница, блиските да се вклучат континуирана поддршка.к
ноември 11, 2025

