Connect with us

Општини

Полска донираше 48.000 евра за нова медицинска опрема во Гинеколошкото одделение во Кочани

Во Амбасадата на Република Полска во Скопје, вчера е потпишан договор за реализација на развоен проект финансиран од средствата на Одделот за развојна соработка при Министерството за надворешни работи на Република Полска.

Со овој проект ќе се обезбеди современа медицинска опрема за гинеколошкото одделение во Општата болница во Кочани, во вкупна вредност од 48.000 евра.

Договорот е потпишан од вршителот на должноста амбасадор на Полска, Мариуш Бримора, и од градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов.

Општина Кочани, нагласуваат од локалната самоуправа, изразува искрена благодарност до Амбасадата на Република Полска во Скопје и Министерството за надворешни работи на Република Полска за укажаната поддршка, солидарност и доверба.

– Во рамки на проектот ќе биде набавена современа медицинска опрема за Гинеколошкото одделение, која по нејзината набавка Општина Кочани ќе ѝ ја предаде на Општата болница – Кочани. Со оваа инвестиција ќе се подобрат условите за работа на медицинскиот персонал и ќе се овозможи поквалитетна здравствена грижа за пациентите. Поддршката има особено значење за нашата заедница, која во изминатиот период се соочи со големи предизвици, се наведува во соопштението доставено до медиумите кон крајот на вчерашниот ден.

Хуманоста и пријателството што Република Полска ги покажа кон граѓаните на Кочани, како непосредно по трагичниот настан во март 2025 година, така и преку оваа развојна помош, претставуваат силна потврда за искреното партнерство и соработка меѓу двете земји.

Општина Кочани останува посветена на понатамошно продлабочување на соработката со Република Полска и со сите меѓународни партнери кои придонесуваат за развојот на локалната заедница и подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните.

Ad
Ad