Култура
Објавено словенечкото издание на „Venec za Iskro – Венец за Искра“ од проф. Милан Јазбец
Во издание на Културниот центар во Марибор излезе словенечкото издание на двојазичната словенечко-македонска стихозбирка „Venec za Iskro – Венец за Искра“ на проф. д-р Милан Јазбец, словенечки дипломат и поранешен словенечки амбасадор во Македонија (2016 – 2020), универзитетски професор, писател и поет, автор и уредник на повеќе од сто книги од разни области.
„Стихозбирката, којашто, всушност, е своевиден автохтон сонетен венец, во себе го содржи творечкиот порив со чест, гордост и љубов да се воспеат животните и творечките врвици на Искра Чоловиќ (1960 – 2023, од Скопје), доајен на македонското радиоводителство, новинарка, значајна македонска публицистка и, пред сѐ, голем и прекрасен човек со посебна харизма и ведрина во којашто се пресоздаваше, возобновуваше убавината на еднаш и кратко дадениот живот… Во стихозбирката е поместена и „Pesnitev za Iskro“ која всушност е скратена варијација на „Венец за Искра“ и која се состои од Uvod: Eter, Prehod: Življenja ris и Magistrale: Ime zveneče. Стихозбирката од словенечки на македонски јазик ја препеа словенечката поетеса и преведувачка од македонско потекло Соња Цекова Стојаноска, а дизајнот на корицата е на младата македонска графичка дизајнерка Бојана Симевска“, соопштија издавачите.
Искра Чоловиќ во својата 22-годишна спикерска кариера, покрај презентацијата на вести и информации во главните информативни емисии на Македонското радио – Радио Скопје, сними повеќе илјади документарни прилози и емисии за сите три програми на Македонското радио, коишто се дел од богатата и непроценлива неговата аудио-документација. Како новинар во Детско-образовната редакција на Македонското радио, таа беше автор на емисиите за деца: „Добро утро, љубопитни“, „Мал радиовесник“, „Шарена емисија“, „Нова планета“, „Меридијани“, „Детско катче“ и „Утрински жуборења“, што беа едни од најслушаните на програмата на Македонското радио – Радио Скопје. Покрај тоа, Искра Чоловиќ беше автор и коавтор на специјалните радиоемисии: „Чекор во Старата скопска чаршија“ – (I-III), (1998), „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“ – (I-V), (2013), „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот” – (I-II), (2015), „Македонското радио – бастион на македонскиот литературен јазик“ (2014) и „Слободата и достоинството – основни вредности во меѓучовечките, меѓурелигиските и меѓукултурните односи“ (I-VI), (2015).
„Како истакнат македонски публицист Искра Чоловиќ беше автор, коавтор или приредувач на 14 книги од областа на литературата, културата и меѓукултурниот, меѓуцивилизацискиот и меѓурелигискиот дијалог. Заедно со Свето Стаменов, таа беше најзаслужна за повторното откривање, односно за симнување на речиси тридеценискиот вел на ненамерна или намерна заборавеност и речиси целосен молк за првата македонска поетеса Даница Ручигај (1934-1960), која загина во скопскиот катастрофален земјотрес на 26 јули 1963 година, но која остави неизбришливи траги не само во современата македонска поезија, туку и во македонската култура воопшто“, се вели во известувањето.
За Даница и за нејзиното творештво, заедно со Свето Стаменов, таа ги објави следниве книги: „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ (2016, и српскиот превод од 2019), „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“ (2017), „Даница Ручигај: Песна над песните“ (2020) и „Даница Ручигај и книжевната критика“ (2021). Исто така, беше приредувач на книгите на Даница Ручигај: „Сребрени ноќни игри и Заробеници на ветрот“, која излезе во 2003 година по повод четириесетгодишнината од трагичната смрт на Даница Ручигај, „Сребрени ноќни игри и Заробеници на ветрот“ – јубилејно издание по повод 60-годишнината од трагичната смрт на првата македонска поетеса Даница Ручигај во 2023., како и на српското издание на „Сребрени ноќни игри и Заробеници на ветрот“. Исто така, таа беше и приредувач на антологијата на песни посветени на Даница „Недореченост, о проклета да си“ (2018), како и коавтор на изложбата на факсимили на рачно напишани песни посветени на Даница Ручигај (2018).
Во 2023 година, неколку месеци пред нејзината ненадејна смрт, заедно со Свето Стаменов, Чоловиќ го реализира краткометражниот документарен филм „Даница Ручигај: Песна над песните“, исто така, по повод шеесетгодишнината од трагичната смрт на Даница Ручигај. Покрај тоа, таа беше и еден од приредувачите на првата антологија на песни посветени на скопскиот катастрофален земјотрес „Ден судбоносен – 26 јули 1963“, која беше посветена на 55-годишнината од скопската катаклизма, а беше и коавтор на книгите: „Поглед врз Старата скопска чаршија“ (прво и второ изменето издание – 1997 и 2003) и „Слободата и достоинството – основни вредности во меѓучовечките, меѓурелигиските и меѓукултурните односи“ (2015).
Во нејзина чест постхумно беа објавени специјалните изданија: „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“, „Лабудова песма Заробљенице ветра“ (кирилична верзија), „The Swan of the Prisoner of the Wind“ и „Labudova pesma Zarobljenice vetra “ (латинична верзија), коишто ги приреди проф. Милан Јазбец.
„Venec za Iskro – Венец за Искра“ на Милан Јазбец е уникатна поетска приказна за жената, која со својот уникатен стил и постигнувања го збогати македонскиот медиумски и радиопростор, се додава, интонирајќи го со својот извонреден автентичен говорнички потенцијал и дефинирајќи го со својата врвна уметничка умешност, со што постави високи стандарди на македонското радиско новинарство. Содржината на стихозбирката ја составуваат Вовед: Етер (пет стиха), Радиосерија: Емисии (12 емисии по седум стиха) и Магистрал (12 стиха), а до секоја песна, како илустрација, приложени се факсимили од ракописот на словенечки и на македонски јазик.
„Venec za Iskro – Венец за Искра“ е збогатена со пригодни текстови на: Мартин Лузар („Професија како дом“), проф. д-р Васил Тоциновски („За достоинството и за убавината на зборот“, проф. д-р Димитар Пандев („За континуитетот на словенечко-македонските книжевни врски“) и проф. д-р Александар Сандевски („Искра – тивка светлина што никогаш нема да згасне“).
јуни 18, 2026

