Connect with us

Општини

Сојуз на борци: Укинувањето на преименувањето на улиците во Тетово претставува владеење на правото

Сојузот на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи Тетово во соопштение информира дека Уставниот суд вчера на 17 јуни ја прифатил нивната иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Општина Тетово за преименување на улиците и дека истата е укината. Тие ја поднесоа иницијативата на 11 февруари 2025 година, за одлука на општинскиот совет од 2007 година, плоштадот и неколку улици да бидат преименувани. Оваа општински одлука не доби согласност од тогашната влада и новите улици се користеа на општинско ниво. 

– За жал, во сега далечната 2007 година со гласовите на советниците од сите претставени политички партии, кршејќи го законот, Советот ги замени имињата на македонските херои и јунаците од светската антифашистичка коалиција, рефлектирајќи непочитување кон Уставот и кон асномскиот антифашистички темел на државата.Како организација втемелена на борбата за држава на нашите храбри претци, а инспирирана од современата генерација на млади која треба да му овозможи на нашиот град Тетово пристојна иднина остануваме посветени да се грижиме за јавното добро,  да ги штитиме антифашистичките вредности и добрите меѓучовечки односи во нашиот град. Во оваа прилика апелираме до носителите на доверен мандат во локалниот Совет на Општина Тетово, сега и во иднина, да одлучуваат одговорно, со ум и разум, не под диктат, да му служат на јавниот интерес, а не на поединци, затоа што срамот од уништувањето и оштетувањето на нашиот град од нивни постапки, кога тогаш може да ги стаса. Советот е место каде треба да се креира развојот, а не поделби, безидејност и автоматско гласање на погрешни одлуки, се вели во соопштението на Сојузот.

Воедно Сјузот на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи Тетово воедно упати и осуда на како што велат манипулативните политички соопштенија, изјави и реакции кои укинувањето на незаконска и неуставна одлука сакаат да го претстават како одлука против сограѓаните од албанско етничко потекло. 

Политичките партии преку социјалните мрежи реагираа откако вчера Сојузот на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи Тетово соопшти дека Уставниот суд ја прифатил нивната иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Општина Тетово за преименување на улиците и дека истата е укината.

-Владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок, но и императив на меѓународното право, подразбира уставност и законитост во работењето на институциите. Советот на Општина Тетово не функционира во замислен простор во кој може да одлучува спротивно на македонскиот Устав и Закон. Недозволиво и срамно е тие што свесно го прекршиле правото, денес да реагираат бурно на судската одбрана на правниот поредок, велат од Сојузот на броци.

Воедно, Сојузот на борците апелира до сите граѓани да не подлегнуваат на ваквите потпалувања на етничките страсти. 

-Живееме во 21 век и треба да градиме современо општество во кое почитувањето како на етничките права, така и на уставот и законите, не треба да се доведува во прашање.  За да ја потенцираме лицемерноста ги прашуваме оние кои жолчно реагираат денес, зошто молчат кога со години сите тетовчани и Албанци и Македонци и Роми и Турци и Срби и останатите го дишат најзагадениот воздух во светот? Каква е оваа селективна грижа? Време е политичките елити да созреат!, се вели во соопштението на Сојузот на борци.

Со Одлуката на Советот на Општина Тетово од 2007 главниот булевар и плоштадот, кои го носеа името „Маршал Тито“ беа преименувани во булевар и плоштад „Илирија“, улицата „ЈНА“ стана „Дервиш Цара“, улицата „29 Ноември“ во „Мехмет Паша Дерала“, а нови називи добија ууште неколку други улици.

Ad
Ad